Петар Печков
Објавено: четврток, 24 август 2023
Образовниот процес во велешката Гимназија, најстара во земјава се турка кон просекот. Наместо создавање на интелигенција, по која оваа образована институција била позната, се бара да се запишуваат ученици со пониски оценки.
Ова е ставот на Наставничкиот совет, кој денес протестираше, како реакција на известување на Министерството за образование, да се запишуваат ученици со послаб успех од со конкурсот предвидениот.
„На овој начин го изразуваме нашиот револт кон неправдата која се прави на Гимназијата. Ако Гимназијата била расадник на интелект во минатото и била гордост, сега сме доведени во непријатна состојба. Добивме наредба да ги примиме сите ученици кои конкурирале за прием во Гимназијата. Ова се однесува за третиот уписен рок, за учебната 2023/24 година. Длабоко жалам и се извинувам од името на сите колеги, наставници, на сите родители, чии деца имаа успех 59 поени а беа одбиени во првите два уписни рока, бидејќи тогаш не ги исполнуваа условите по конкурсот распишан од Министерството за образование. А сега ќе мораме да примиме кандидати со по 41 поен. Чувствуваме дека се случува неправда, бидејќи сите ученици кои требаше да бидат примени не се еднакво третирани. Тука е нашиот револт. Не можеме да молчиме и да преминеме преку ова. Училишната комисија сега е задолжена да спротивно на Законот и да прима ученици не ги исполнуваат условите, дадени по Конкурсот “ - кажа Марјан Стојановски, професор од Гимназијата.
Тие се обратија до градоначалникот на Велес, Марко Колев, бидејќи Гимназијата е општинска образована институција да го запознаат со проблемот со кој се судрија.
„Со овој допис, министерот испраќа една лоша порака до основците. Со било каков успех ќе се запишат во Гимназија, затоа и не мора многу да учат во текот на училиштето“ - рече Драгана Тевчева професор во Гимназијата.
Во првиот уписен рок во јуни и јули, во Гимназијата беа запишани 104 ученика кои имаа минимум 60 бода, 84 во настава на македонски јазик и 22 со настава на албански јазик.
„Не може никој да се земе ексклузивно право, па макар и Министер да го крши законот. Законодавецот тоа кршење на законот го нарекол самоволие. Не може никој самоиницијативно да реши, да не важат правилата од конкурсот“ - кажа Анисија Мајнова.
Од Министерството за образование во писмен одговор за состојбата со уписот во прва година информираа:
„Станува збор за допис, насока која е испратена до повеќе општини, односно училишта кои се обратија до министерството со цел надминување на одредени предизвици при процесот на запишување нови ученици во учебната 2023-2024 година и овозможување на правото на средно образование. МОН ја извести општина Велес дека во оние јавни средни училишта под нејзина надлежност, каде учениците немаат избор на квалификација согласно нивниот претходен успех, а имаат поднесено документација, училишната комисија треба да ги запише, имајќи предвид дека средното образование, како и основното е задолжително согласно Уставот и законите.“