Петар Печков
Објавено: среда, 09 октомври 2024
Овој продолжен празничен викенд, Велес ќе биде со мирисот и вкусот на традиционaлната пита пастрмалија. На 11, 12 и 13 октомври сите патишта ќе водат кон Велес. Позната е цената на една пита пастрмалија -240 денари, која ќе биде за сите угостители кои ќе имат штанд на манифестацијата.
„Започнува најмасовната најзабавната и најпосетената манифестација Фестивал на велешка пита и вино Питијада 2024. Ќе има забава за сите генерации, вкусни пити пастрмајлии и квалитетно вино од локалните производители и винарии“ – соопштија од Општина Велес, организатор на на манифестацијата.
Фестивалот на велешка пита ќе почне со настапот со децата од градинката „Димче Мирчев“ во 17,45ч. Во 19 ч е сечењето на џиновскaта пита, а собраните средства се донација за хуманитарни цели. Потоа следуваат настапите на велешката група Соната 19,30ч, нив ќе им се придружи Нино Величковски. Првата вечер завршува со настапите Слаткаристика од 22ч. и Суперхикс 23,30ч.
Забавата продолжува во сабота, 12 октомври во 11ч. со изложба на олдтајмери на улицата Благој Ѓорев од Авона до БОС.На пладне во 12 ч. е детско комично шоу на Дарко Ѓурчиновски. Во вечерните часови посетителите ќе уживаат во песните на Спасен Сиљаноски од 18,30ч, Александра Јанева 20ч. Мики Секуловски во 21,45ч. Вечерта ќе настапи регионалната ѕвезда Саша Ковачевиќ од 23,30ч..
Во недела, 13 октомври, детскиот хор Поточиња на пладне во 12ч. ќе ги израдува и забавува најмладите, а вечерта, посетителите ќе можат да уживаат во песните на Огнен Здравковски 18ч., Благоја Грујовски 19,30 ч, Елена Ристеска 21,15ч. На самото финале на фестивалот во 23ч. ќе настапи бендот С.А.Р.С кој има голем регионален успех.
Освен што ќе вкусат пита пастрмајлија и вино, посетителите ќе можат да си купат уникатни предмети изработени од вештите раце на нашите ракотворци. Базарот со рачните изработки ќе биде лоциран на улицата Благој Ѓорев (кај влезот на Гимназијата).
За љубителите на велосипедизмот, во недела ќе се одржи рекреативна велосипедска трка која ќе започне во 10 часот од винарија Шато Сопот.