ОЈО Велес со истрага за 20 годишната мајка, за запуштање и малтретирање на шест месечното бебе

Петар Печков

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против  С.К. (20 год) мајката на 6-месечно бебе кое на 12 јули беше пронајдено оставено на клупа на улицата „8 Септември“. Бебето го забележал случаен минувач и го однел во ЈЗУ Општа болница Велес, каде било примено во тешка општа здравствена состојба.

„Во текот на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител издаде наредби за утврдување на ДНК профил на бебето и ДНК анализа со кои се утврди дека сега осомничената е биолошка мајка на бебето, која со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа и воспитување го запуштила своето новородено дете и во услови на исклучително висока температура на воздухот од над 40 степени целзиусови, го оставила на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано. По приемот во велешката болница, таа на кратко го посетила бебето, по што си заминала и не се вратила. Поради тоа постои основано сомнение дека со ваквите дејствија таа сторила кривично дело Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“ – соопштија од ОЈО Велес.

Според Кривичниот законик, за вакво дело е предвидена казна затвор од најмалку десет години.

Кај хоспитализираното бебе било констатирано тешко нарушување на здравствената состојба, што надлежниот јавен обвинител го документираше со соодветна медицинска документација и вешт наод, а испитан е и сведокот кој го пронашол оставеното дете.

Бебето во болница било донесено  во тешка општа здравствена состојба,  констатирана e неухранетост, тешко само 4.600 грама, било во фебрилна состојба – со температура, поспано, дехидрирано, со сува кожа и очи, со пролив, со халонирани очи.  Бебето  нема регистрирано име и презиме, ни Извод од матична книга на родени, ниту здравствена легитимација.

Против осомничената, С.К.  која е во бегство и недостапна на адресата на која престојувала во Велес, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор. Предлогот е прифатен, а притворската мерка ќе започне да се применува веднаш по нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода.

Детето е ставено под старателство на Центар за социјална работа и сместено во установа за згрижување деца без родителски надзор.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

  • добро е
  • не ми се допаѓа
  • ме бендисува пешачката патека која е бојадисана
Резултати