Петар Печков
Објавено: среда, 11 септември 2024
Општина Велес, тоа што долго време го најавуваше сега го реализира. Аплицираше за средства до Владата за уредување на центарот на градот и создавање на покриен паркинг. Владата најави дека 250 милиони, од кредитот од 500 милиони евра од Унгарија, ќе го пренамени за средства за општински проекти.
„Денес ја потпишав апликацијата која Општина Велес ја достави во Министерството за локална самоуправа за финансирање на овој значаен капитален проект за Велес. Се надеваме на позитивен одговор од Владата за изведба на подземната катна гаража и уредување на градскиот плоштад, со што централното градско подрачје ќе биде функционална целина и ќе се решат многу значајни проблеми за велешани“ –објави на неговиот ФБ градоначалникот Марко Колев.
Претходно Владата пред десетина дена, донесе одлука земјиштето кое е пред Основен суд и беше државно, да го отстапи на трајно користење на Општина Велес.
При престојот летово во Велес, премиерот Мицкоски кажа дека овеи средства од Владата ќе бидат издвоени на посебна наменска општинска сметка, и од нив не ќе може ништо друго да се плаќа или да се пренаменуваат за други цели.
Но останува дилемата која стручните лица подолго време ја посочуваат, а тоа е дека во централно подрачје не треба дa се гради ниту катна, ниту подземна гаража, оти така нема да се избегне гужвата во сообраќајот и згадувањето кое тоа ја предизвикува.
На оваа дилема, ТрМр го праша градоначалникот Марко Колев.
„Постапката е отидена предалеку и не е можно никакви измени. Имаме проект, имаме ревизија, издадено решение за градба, имаме сообраќајно решение, значи имаме се, освен пари“ - изјави Колев.
Подземната гаража треба да има протор за околу стотина возила. Локалната власт најавува да се гради и катна гаража на паркингот близу Автобуската спроти некогашното ОУ Јордан Хаџи Константинов Џинот.