Петар Печков
Објавено: четврток, 08 август 2024
Пет месеци затвор доби 25 годишниот жител на Горно Оризари С. Ц. за предизвикување на пожар. Обвинетиот ги признал делото, по што судија на Основен суд Велес го прогласил за виновен и му изрекол затворска казна. Нему му е продолжен притворот. С.Ц. беше обвинет за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“.
„Обвинетиот предизвикал значителна опасност по животот и телото на луѓето и по имотот во околните села. Опасноста да биде предизвикана штета од големи размери со ваквите дејствија на обвинетиот е особено изразена со оглед на алармантната состојба со пожарите во околината на Велес и на територијата на целата држава“- кажа обвинителката Анасасија Миланова во нејзиниот завршен збор.
Според обвинението С.Ц. на 21 јули, на дива депонија во селото, со умисла предизвикал пожар, палејќи стари седишта од автомобил. Бидејќи местото било обраснато со сува трева, а на депонијата имало и бали суво сено и други предмети, огнот брзо се проширил и зафатил голема површина.