По 18 пат од среда до сабота, Велес ќе живее во ритамот на изворниот мелос

Петар Печков

Од среда до сабота оваа седмица, по 18 во Велес ќе се одржи Фолклорниот фестивал. Годинава на манифестацијата ќе учествуваат шест ансамбли од странство, седум од Македонија и шест од Велес. Како изненадување за посетителите, четврток, на втората вечер, настапот ќе биде отворен од позната македонска фолк група, која транзитното не ја открива за изненадување на гледачите.   

„Во Велес овие 4 дена ќе има преку 600 гости од кои 200 гости од странство кои повратно ќе информираат за нашиот град, за нашето гостопримство и организација на настанот. Се разбира дека Организациониот одбор направи програма за посета на културно- историските знаменитости на Велес за да можат гостите да добијат комплетна слика дека се наоѓаат во културниот центар на Балканот, во градот со најстара културна историја. Во оваа прилика упатувам отворена покана до сите граѓани на Велес да дојдат, да ги проследат сите 4 фестивалски вечери, да бидат дел од незаборавната атмосфера во Младинскиот парк и уште еднаш да покажат дека Велес со радост ги пречекува своите гости“ - порача Томе Јаневски, член на организациониот одбор на Фестивалот.

Од годинава  фестивалот  е член на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија СОФАМ и е дел од светската организација за фолклор ЦИОФФ.

Свеченото отворање на  Фестивалот  е на 5 јули среда,  во 20:30, на што му претходи дефиле на учесниците низ улиците на Велес. Дефилето поаѓа во 19:30 часот од пред ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“, кај Трговскиот центар излегува на улица „Благој Ѓорев“ и се движи по неа до Пошта од каде свртува и се враќа по улицата „Алексо Демниевски“ се до амфитеатарот во Младинскиот парк.

Фестивалот ќе се реализира во 4 фестивалски вечери – од 5 до 8 јули, на отворената сцена од  Амфитеатарот во Младинскиот парк. Доколку се случи некоја вечер да има лоши временски услови, програмата ќе се реализира во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“.

Годинава фестивалот има богата програма со настап на шест странски ансамбли:   КУД „Младост“ од Босна и Херцефовина, ФА „Бејармуду“ од Северен Кипар,  ФА „Де Тореон“ од Мексико,  КУД „Пакленица“ од Хрватска и  ФА „Љубовњан“ од Словачка. Од Македонија учесници се КУД „Тодор Јанев“ од Чашка, КУД „Негорци„ од Негорци, АФ „Гоце Делчев“ од Битола, КУД „Стоби“ од Градско, ФА „Китка“ од Скопје, Насоката за традиционални игри и песни при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје, КУД „Гоце Маркоски“ од Скопје и ЗФГ „Копачка“ од Драмче. На Фестивалот во улога на домаќини ќе настапат КУД „Коле Неделковски“, Ансамбл „Керамичар“, ФА „Вила Зора“, Ансамбл „Распеани велешани“, Пејачката група „Распеани пензионери“ и ОТИ при ООМУ „Стефан Гајдов“ а дефилето ќе биде збогатено со Тапаните на АФ „Гоце Делчев“ од Битола и дечињата од Детската градинка.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

  • добро е
  • не ми се допаѓа
  • ме бендисува пешачката патека која е бојадисана
Резултати