Петар Печков
Објавено: понеделник, 03 јуни 2024
Локалната власт со детални информации за извршеното авионско прскање против комарци, а по реакциите на социјалните мрежи од страна на граѓаните во одност на начинот и средството со кое се прска. Стручните служби од Општина Велес потенцираат дека полнењето е извршено под надзор од стручно лице од Центар за јавно здравје Велес.
„Полнењето на авионот со средство за аеросолна дезинсекција се изврши петокот попладне во 16:30 часот во Пеширово Свети Николе. По спроведена постапка за извршување на овие активности избран е операторот „Бониер“ Куманово“– соопштија од локалната власт.
Првото авионско прскање оваа 2024 година е извршено на 1 јуни, во раните утрински часови, со третирањето е опфатена површина од 2000 хектари. Општината оваа активност ја спроведува како општа мерка за заштита на населението од заразни болести. Обезбедени се буџетски средства за уште две авионски прскања.
„Аеросолната адултицидна дезинсекција за заштита од возрасни комарци на територијата на Општина Велес е извршена со средството AQUA K-OTHRINE 2 EW, биоциден производ на производителот Bayer Environmental Science S.A., Lyon, Francija и содржи 20 грама/литар активна материја Deltamethrin, кој спаѓа во групата на пиретроиди. Истото е одобрено од Министерството за здравство на Република Северна Македонија, број на решение 19-561/1од 14.04.2024 година. AQUA K-OTHRINE 2 EW e концентриран инсектицид кој е соодветен и за примена со УЛВ метода против возрасни комарци. За цицачите е сигурен, не е канцероген со висок степен на биоразградливост. AQUA K-OTHRINE 2 EW e биоцид наменет за сузбивање на штетните инсекти во Јавното здравство, вклучувајќи ги векторските преносители на болести, адултните форми комарци во населени места и јавни површини, крајбрежје на реки, езера и бари. Може да се применува од воздух или од земја во количина од 0,5-1,0 грам/ха“ – соопштија од Општина Велес.
Deltamethrin-от спаѓа во групата на синтетските пиретроиди кои се постабилни од природниот пиретроин и имаат подобрено дејство, како што е истерување на инсектите од скривалиштата и побрзо уништување. Изборот е поради ниските дози и ниската токсичност за цицачите и човекот. До денеска не е забележано мутагено, канцерогено, ниту абнормалност во развојот, под дејство на пиретринот и пиретроидите.
фото Општина Велес