Петар Печков
Објавено: вторник, 20 февруари 2024
Ланската 2023 година екипите на Итната помош имале 31.176 интервенции што е за 2.311 повеќе од година дена претходно. Тоа е за по 85 на ден или 3,5 на час. Од вкупниот број 19.648 биле во амбуланта, од нив 12.820 дневна смена и 6.828 во ноќна. Додека прегледи на терен имало 11.528 од нив преку ден 9.268 а ноќе 2.260.
„Зголемениот oбем на работа во амбуланта се должи на неработењето на матичините доктори преку викенд, ноќна смена. На терен имаме исто така зголемен број интервенции оти голем број села немаат доктори. Имаме голема територија, пациентите бараат здравствена заштита и ни се обраќаат нас и ние сме единствено место каде може да се обратат“ - кажа д-р Славица Нешова Пановски, од службата за Итна помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Податоците покажуваат пораст за една година на прегледите во амбуланта за 2.511 додека на терен има опаѓање од 166 прегледи. Теренските бројки се однесуваат на населените места од поширокиот велешки регион, во кои влегуваат и соседните општини Чашка и Градско, кога екипите по потреба патуваат и до оддалечени села Ореше или Подлес.
„За разлика од претходните години лани работевме со осум тима а сме имале и по 16, што претставува тешкотија во работата и за докторите и за здравствениот персонал“ - додаде д-р Нешова Пановски.
Минатата година имало и поголем број на здравствени услуги во амбуланта, повеќе од прегледи на докторите. Преврски, пуштање на инјекции во 2023 имало 36.534, од нив 20.590 во амбуланта - 13.310 дење/7.280 ноќе а 15.994 на терен 13.024 дење/2.920 ноќе, каде се и домашни посети заради ампуларна терапија на стари, изнемоштени и неподвижни пациенти.
Ланската 2023 година е забележан осетно зголемување на бројот на повредени во сообраќајни несреќи на територијата на велешко, во која спаѓа и делницата на автопатот од Катланово до локалитетот Стоби. Имало 130 повредени наспроти 107 во 2022 година. Во овие сообраќајки имало и жртви, пет смртно настрадани учесници.