Петар Печков
Објавено: понеделник, 02 декември 2024
Стигмата, дискриминацијата и стравот дека ќе останат без терапија се предизвиците со кои се соочуваат лицата со ХИВ/СИДА во Македонија. Oвие граѓани најмногу биле дискриминирани во здравствениот сектор бидејќи најчесто таму требало да го кажат нивниот статус, но најголема грижа имале поради неизвесноста дали навреме ќе добијат соодветна терапија.
Пациентите и идната година ќе бидат во неизвесност дали ќе имаат терапија бидејќи имало намалување на средствата во програмата за заштита на населението од Хив - инфекција, а со предвидените 90 милиони денари не можело да се реализираат ниту мерките за превенција. Ваква е состојбата со лицата со ХИВ (лица кои имаат вирус/СИДА -лица кои се заболени) во Македонија. Годинава заклучно со 27 ноември во Велес има два нови случаи, едне со ХИВ а еден со СИДА. Според податоците од ИЈЗ годинава во Македонија регистрирани се 51 случај со ХИВ/СИДА, а 5 лица починале.
Во периодот од 1987 до 2024 година (заклучно со 27.11.2024), вкупно 131 од дијагностицираните лица во Република Северна Македонија починале поради причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 19,1%. Со воведувањето на антиретровирусната терапија, преживувањето на лицата кои живеат со ХИВ е значително подобрено, во последните 10 години од 444 регистрирани случаи регистрирани се 32 смртни случаи што претставува стапка на смртност од 7,2%.
Во периодот 1987/2024 година во Велес има вкупно 22 случаи на ХИВ/СИДА а 4 од нив починале. Освен во Скопје Тетово со 41 е втор град по број на регистрирани слуачи, по нив следат Прилеп со 32, па Прилеп и Штип со 31, Битола 26 и Охрид 24 случаи. Или за овие 37 години во Македонија регистирани се 687 случаи а има 131 починат.
Не постои лек за ХИВ инфекцијата. Меѓутоа, со пристап до ефикасна превенција, дијагноза, антиретровирусен третман и грижа за ХИВ, вклучително и за опортунистички инфекции, ХИВ инфекцијата стана хронична здравствена состојба, овозможувајќи им на луѓето што живеат со ХИВ да водат долг и здрав живот.
Светскиот ден за борба против СИДА-та во 2024 година 1 декември беше под мотото „Оди по патот на правата: Мое здравје, мое право!“, СЗО ги повикува глобалните лидери и граѓаните да се залагаат за правото на здравје со справување со нееднаквостите кои го попречуваат напредокот во ставањето крај на СИДА-та.