Документ за решавање на проблемот со наставата за ученците Албанци во ОУ Тодор Јанев во Чашка, нема во Министерството за образование

Петар Печков

Документот кој во февруари беше потпишан од повеќе странки, за случајот со албанската паралелка во ОУ Тодор Јанев во Чашка, го нема во документацијата на Министерството за образование, објави министерката Весна Јаневска.   

Според неа  родителите на десетината деца за кои се бара настава на албански јазик во тоа училиште, пред да настане проблемот имале потпишано изјави дека децата ќе им учат на македонски јазик, бидејќи, според Јаневска, средината е од мешан етнички состав и тие ги знаат двата јазика. Дополнителен проблем е, додаде таа, што дел од нив не се со адреса на живеење во тој реон.

„Навистина е незамисливо во министерството, каде што министер е потпишан, да нема документација за ваквиот случај.  Како и да е, што и да се случува, МОН ќе направи сѐ тоа да се реши во корист на децата“, изјави Јаневска.

Додаде дека за проблемот со училиштето Тодор Јанев во Чашка и начинот како е решаван од МОН имало многу неправилности, па децата кои требаше да учат на албански јазик биле сместени во училиштен дом кој беше затворен и имаше опасност по нивниот живот.

„Тогашната директорка направи многу прекршоци, па оттука се постигна некаков договор за кој во МОН нема никаков документ, па ние сега бараме од општината да видиме што се случувало во тој договор потпишан од министерот, претставници од родителите и ми се чини, и од градоначалникот на општината. Значи, правата на сите граѓани во оваа држава, по закон ќе се почитуваат. Какви ќе бидат фискалните импликации за решавање на овој проблем во моментот не можам да ви кажам, затоа што ја прибираме документацијата“  кажа мнистерката Јаневска.

Минатата учебна година имаше тензии во училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка и неколку месеци протести на родителите кои не дозволуваа децата Албанци да учат на мајчин јазик, затоа што по реонизација во училиштето настава се изведува само на македонски јазик.

Родители на ученици Македонци не дозволуваа отворање паралелка на албански јазик, која ја одобри МОН, а ја прифати директорката Елена Николова назначена од претходниот министер Јетон Шаќири, откако тој му ги одзеде ингеренциите врз училиштето, на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски.

Владата во февруари одлучи наставата на сите ученици во тоа основно училиште привремено, односно до крајот на учебната 2023/2024 година, да се реализира во постојниот објект. Според договореното, учениците Албанци имаа настава на албански јазик во просториите на училиштето „Тодор Јанев“  до завршувањето на учебната година, но административно се под училиштето „Лирија“ од Горно Јаболчиште каде што се учи на албански наставен јазик.

Според догворот од есен, од новата учебна година, ученците Албанци требаше да посетуваат настава во монтажен објект во селото Бањица и да почне да се гради училиште во село Еловец, каде наставата би започнала од 2025/26 со тоа што таму настава би посетувале децата ученици од Горно Врановци и од низинскиот дел на Општина Чашка, додека остантатите би следеле во Горно и Долно Јаболчиште. Кога беше објавена веста за потпишување на документот, тоа беше сторено од страна на Владата.  

„Под покровителство на премиерот Талат Џафери, во координација на Министерството за образование и наука, а со учество на пратениците од сите политички партии, претставниците на локалната самоуправа и засегнатите страни, информираме дека изнајдено е решение за продолжување на воспитно – образовниот процес во ова училиште, за сите ученици и тоа на нивниот мајчин јазик“ објави  Владата на 13 февруари  попладнето.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

  • добро е
  • не ми се допаѓа
  • ме бендисува пешачката патека која е бојадисана
Резултати