Петар Печков
Објавено: вторник, 27 август 2024
Риболовците, кои стопанисуваат со рибниот фонд на езеро Младост, во средината на август измериле температура од безмалку 30 степени на површинската вода на акумулацијата, која била 29,9 а на метар и половина подолу 27,5 степени. Во вакви услови живее рибниот фонд и нешто од флората што остана во езерото.
Стручните лица од Хидробиолошкиот завод од Охрид (ХБЗ), констатираа дека во водата има недостиг на кислород, поради што езерото изумира.
„За водата да има жив свет потребен е кислород. А во езерото го снемува. Во неколку наврати годинава имаме регистрирано изумирање на рибата во езерото, што според нас се должи на недостиг на кислород“ – кажа Даниел Наумовски претседател на Здружението на спортски риболовци (ЗСР) Бабуна од Велес.
Тие, заедно со уште неколку граѓански здруженија, неколку викенди по ред, заедно со биогасната централа Сарамзалино ја чистеа површината на водата од органската материја, која плива по неа а е создадена од цвет на алгите, трските. Чистењето на површинскиот слој е една од препораките на ХБЗ, за да се подобри состојбата со езерото. Втората е, дека е потребно снабдување на езерото со свежа вода, со кислород.
Со водата од езерото стопанисува ЈВП Лисиче, по чие барање се извршени анализите за квалитетот на водата. И покрај препораките, од таму засега нема никава реакција ниту акција за заштита на водата, која тие ја продаваат за наводнување на околните земјоделски површини.
Акумулацијата се полни со вода од Отовичка река и Рудничка река, кои со години не` течат и се суводолици. Своевремено Агро Комбинатот „Лозар“ како превентива за езерото Младост, создал езеро Јарбош, во близина на патот Отовица – Сујаклари. Од него езерото се полнело во годините кога има суша.
Езерото Јарбош е дадено на стопанисување на Ловното друштво „Руен“, поради богатиот фонд на патки и шатки. Но поради извршени градежни зафати на изворите кои се над езерото, истото веќе не се полни и е со осетно намалено ниво.
Поради тоа нема можност од него водата да се прелева во езеро Младост, каква што му била основната намена. Со години се слушаше најавата дека водата од акумулацијата Лисиче, ќе се донесе до езеро Младост и тоа да се полни со свежа вода. Се до февруари 2020 година, кога тогашниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, објави дека тоа не е можно.
„Опцијата за полнење на езерото Младост со вода од езерото Лисиче, од страна на консултантите ангажирани од КФВ Банката, која го додели кредитот за изградба на цевковод, е отфрлена како нерационална и несоодветна. Стручните лица сметаат дека ќе се наруши флората и фауната на езерото Младост, доколку се помешаат водите“ – кажа тогаш Коцевски.
Но можноста да се обновува водата во езерото Младост, никогаш не била искористена. Во февруари 2014 испусните венитили лоцирани на дното од 25 метарската брана, после 50 години од формирањето на езерото, беа сменети и се даде можност водата да се испушта од дното и да се изврши нејзина обнова а не само по пат на прелевање на горните слоеви и нивно полнење.
Наспроти праксата со водата од акумулацијата Лисиче, да се испушта вода при дното, концесионерот ЈВП Личсие, не ја користел досега на езеро Младост, иако има техничка можност.
А од 2015 година по повеќе децении, после 1984, имапе прилив на вода во езерото и тоа претекува. Со тоа се обновува само горниот слој на водата. Водата при дното е со исклучително лош квалитет, констатираат стручњаците од ХБЗ Охрид.
„На длабочина од 14 м. водата има интензивен мирис на сулфур, поради неразградба на органските материи, а има и високо присуство на амонијакот кој е производ на на отсуство на кислородот“ – пишува во извештајот.
За отпадните води од околните населни места околу езерото има изградено колекторски систем од село Кумарино, преку Сујаклари, Отовица, сателитска населба па до пречистителна станица кај село Новачани, која не работи и отадните води директно завршуваат во Вардар.
Надзор на овој систем извршил Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и констатирал, дека овој колекторски систем има еден крак од левата страна на езерото, кој ги собира отпадните води од Еко-кампот, од брод Панини и хотел Глориус, кој не е предаден на управување на ЈКП Дервен, но тие на еден од хотелите му наплатувале такса.
ДИЖС при увидот на колекторскиот систем кај село Отовица констатирал дена мал број од објекти од населбата која беше урбанизрана последната деценија, се приклучени на колекторскито систем.
„Од населбата Отовица која е најблизу до езерото, во базата на податоци се евидентирани 229 индивидуални објекти, корисници. Од нив за канализација плаќаат само 65 корисници. ДИЖС побара да се објасни причината за оваа значителна разлика. Беше одговорено дека канализација има дел од Отовица и таа е предадена на управување на ЈКП Дервен. Дел од објектите се директно приклучени на колекторот, но значителен дел не се, а ЈКП Дервен нема сознанија каде и како се одведуваат нивните фекални отпадни води“- соопшти ДИЖС.
ХБЗ од Охрид при неговата контрола на водите од езеро Младост, констатира дека „индикатор за старо фекално загадување е регистрирано во водите кај заливот, каде истекува Отовичка река, која подог период нема вода и не тече“.
Од Општина Велес најавуваат дека оваа „црна“ точка на езерото ќе ја санираат.
„Bо тек е изготвување на проект за чистење на речното корито на Отовичка река. На две локации поставени се на информативни табли со добиената препорака, водата од акумулација Младост да не се користи за спорт и рекреација, за риболов, наводнување на земјоделски култури и напојување на животни и за риболов“ – соопштија од локалната власт на Велес.
Тие посочуваат дека ги извршуваат обврските согласно Програмите за заштита на животната средина и Програмтаа за јавна чистота. Со нив се врши мониторинг на квалитетот на површинските води во време на сезоната на капење од 15 мај до 15 септември, како и чистење на околина на езеро Младост, секој ден освен среда во периодот од 1 март до 31 октомври, и одржување на јавното зеленило четири пати годишно.
Граѓаните на Велес се во недоумица, како тоа летово резултатите на квалитетот на водите на езеро Младост се разликуваат oд плажа до плажа, во различен период на мерење на квалитетот на водите.
Резултатите покажуваат дека водата од една плажа во еден период е одлична, во следен ги надминува вредностите за добра, или обратно водата на една плажа има силно фекално загадување, за да по седум дена истата вода е со одличен квалитет.
Резултатите од анализата на ХБЗ се сосема различни, што според стручните лица се должи на различните параметри кои лабараторитие ги испитувале.
„Според добиените резултати водата во акумулацијата е со лош квалитет, ризична за опстанокот на живиот свет во акумулацијата, ризична по здравјето на капачите, просто кажано езерото умира. Присуството на индикаторите за фекално загадување, укажуваат на човечко влијание врз акумулацијата“ – е оценката на стручните лица од ХБЗ, кој анализата ја правеше по порачка од ЈВП Лисиче.
Тие квалитетот на водата го мереа на три места, површински, на 7 метри и 14 метри длабочина.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој согласно Законот единствено може да изрече забрана за капење во водите на езерото, одговорноста ја префрла на Центарот за јавно здрвје Велес.
Институтот за јавно здравје препорачува водата од акумулацијата времено да се забрани за капење, рекреација, наводнување, да се забрани риболов. Отстранувањето на органската материја од површината на езерото е во мирување.
„Започнавме таа мртва маса по површината на езерото да ја собираме. Поради нејзино разлевање по целата површина, откако таа беше само на една локација а ветерот ја разнесе, чекаме повторно да дувне ветер кој ќе ја донесе на едно место во заливот, за да можеме повторно да ја испумпуваме и ја чистиме површината“ – вели Наумовски, претседател на ЗСР Бабуна Велес.
Граѓанските здруженија од Велес, со идентичен став, децениската негрижа кон езерото, кулминираше летово.
„Сите предложени мерки не можат да се реализираат преку ноќ, ниту само една институција може да помогне во решавањето на проблемот. Основно е да се мапираат загадувачите, за да престане загадувањето, па потоа да се санираат последиците. Потребен е заеднички настап и напори на сите, за да се спаси езерото“ – вели Сашка Коцевска од ЕД Вила Зора.