Петар Печков
Објавено: четврток, 14 ноември 2024
Дополнителни седум денари за килограм бараат македонските земјоделци, одгледувачи на сончоглед. Оваа индустриска култура има стратешка важност поради тоа што од неа се добива маслото за јадење.
Годинашните лоши временски услови, сушата летово, го преполови родот, што е причина земјоделците да бараат од Владата и Министерството за земјоделие обесштетување. Ова нивно барање го испорачаа од Велес, каде во фабриката Маслодајна, го предадоа целокупниот род за преработка во масло за јадење.
„Бараме седум денари плус од предаден килограм сончоглед, бидејќи немаше добар принос поради сушата, четири месеци капка не падна. Родот беше катастрофа, на 115 ха добив по 800 кг род по хектар. Лани за споредба од тон добив по 1,8 тони род. Сега се премислуваме со колегите дали да сееме догодина сончоглед, доколку државата не помогне годинава. Ако не дадат помош, нема да посееме “ – вели Митхат Исмаиловски земјодолец од Пелагонија.
Во годините кога имаше слаб род сончоглед се увзезуваше од Србија, Бугарија или Украина.
Годинашнава откупна цена е 24,5 денари, наспроти ланската 20,6, но мало е количеството на откупен род од Пелагониските полиња. Дел од родот на сончогледот од Пелагонија заврши во Грција, бидеќи таму откупната цена била 27 денари за килограм, па откупувачите го купувале во Македонија по 22 денари за кг, плус трошоци за транспорт и го пласирале кај јужниот сосед.
„Бараме како и лани, така и годинава, поради елементарна непогда, суша, да ни се одобрат дополнителни седум, осум денари помош за откупен килограм. Tака би ги покриле и трошоците за работењето. Годинава беше катастрофална, па не можеме да го извадиме цензусот 1,5 тон по хектар за да добиеме субвенции. Затоа бараме да се намали цензусот на половина, или нека нема цензус. Единствена добра работа е што Маслодајна навреме ни го плаќа сончогледот и има реална откупна цена, за разлика од откупувачите на пченицата и јачменот. Некои колеги не можеа сончогледот да го ожнеат, комбајнот не можеше да го фати, толку беше сув. Ние земјоделците не кожеме да се организираме, да направиме штрајк, кој е на нива, кој со стока. Даскалите се организираат, нема да учат децата, ќе бараат пари и ќе им дадат, одма платите им се качуваат“ - кажа Тоде Лазевски зелјоделец од Могила.