Петар Печков
Објавено: вторник, 08 мај 2018
Локалната власт започна акција за воведување на ред во комуналната сфера. Деновиве започна отстранување на нелегалната урбана опрема, поставена од дел од кафетериите кои работат на улица Благој Ѓорев, спроти Гимназијата. Ова доаѓа по долгогодишните барања на станарите од соседните згради но и поради узурпацијата на јавните површини, образложи градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
По долгогодишните реакции на жителите од зградите во соседството и претставките поднесени до Општина Велес за узурпација на јавните површини, преземавме конкретни мерки да го спречиме уништувањето на зелените површини и да излеземе во пресрет на барањата на станарите од околните влезови. Стручните служби затекнаа загрижувачка состојба, заробени дрвја помеѓу тенди и олуци, ковани дрвени платформи, железни конструкции, поставени светлечки реклами на дрвјата, поставени цевки за одвод на вода без одобрение од надлежен орган кои завршуваа под земја. Оваа состојба мораше да се реши и зеленилото да се врати на граѓаните. ЈКП Дервен веќе го обработи просторот и се засади зеленило. Сите се еднакви пред законот а сопствениците да се придржуваат на одобренијата кои ги добиле - изјави Коцевски. Нивните реакции на социјалните мрежи тој ги оцени како неоправдани.
фото: Општина Велес