Петар Печков
Објавено: среда, 06 декември 2023
Средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес доби нов современ кабинет по угостителство. Тој е донација од Германската амбасада, преку проектот за мали гранови и во соработка со Еколошкото здружение „Тополка“, од Велес.
Со средства во висина од 11,5 илјади евра, набавена е нова опрема за кабинетот, кујната во која учениците од хотелско -гастрономската насока ќе се здобиваат со неопходните знаења и на потребните вештини.
„Многу сум среќен што можевме да го помогнеме финансирањето на опремувањето на овој кабинет, училишна кујна. На овој начин помагаме во стручното образување на новите кадри. Ова училиште неколку години има одлучна соработка со Германската стопанска комора која има седиште во Скопје, тоа е партнерско училиште во проектот за стручно образование. Тоа се индустриска мехатроника и техничар за производно машинство. Учениците освојуваат т.н. меки вештини, што им овозможуваат да отвораат сопствени бизниси. Стекнување на знаења, не е важно само за ученикот туку и за заедницата, државата, бидејќи придонесува за земјата стане дестинација за странски инвестиции“ - кажа Доменик Куберлинг, од германската амбасада во Скопје.
„Овој нов кабинет значи подобрување на условите за пракса на учениците. Вештините кои тука ќе ги стекнат се барани на пазарот на трудот, им се отвора можност на учениците и за само вработување. За оваа насока имаме најголем интерес, тоа е дуална паралелка, поврзана со социјални партнери“ - кажа Весна Стојанова Богоевска, директорка на Коле Неделковски.
„Ново опремениот кабинет ќе биде користен од струка готвач, практични работи предвидени со наставната програма, подготовка на топли, ладни пред јадење, главни јадења,супи, чорби. Така ќе можат на нов модрен начин да ги стекнат потребните вештини, техники на работа потребни за нивниот работен ангажман. Имаме можност и за организација на кетеринг услуга. Со оваа нова кујна можеме да конкурираме за тендери за подготовка на храна и служење, со што ќе имаме финансиска добивка. Средства ќе се реинвестираат за учениците од оваа насока“ - вели Горан Богоевски, професор на оваа струка.