Општина Велес понуди мерки за спас на езерото Младост и бара финансии за нивна реализација

Петар Печков

Локалната власт на Велес бара помош од Владата за спас на езерото Младост. Иако концесионер на водата е ЈВП Лисиче а на рибниот фонд концесионер е Здружението на спортски риболовци  Бабуна, постапувајќи по заклучотот на Советот  на Општина Велес, таа се јавува како институција која ќе ги координира  работите за санација на езерото Младост.

„Упативме писмо до Владата со повеќе барања и мерки, како и финански план за помош околу спас на езерото Младост. Добивме одговор дека треба да се обратиме до Министерството за животна средина, кое ќе ни помага во активностите. Побаравме финасиски средства, заедно со сопствени финансии  што ќе ги обезбеди Општина Велес, заеднички  да се спаси акумулацијата“ – кажа Петре Цилаков, раководител на сектор за животна средина во Општина Велес.

На последната седница  на Советот формирана е комисија во која членуваат поединци од локалната власт, од ЈКП Дервен, од граѓански еколошки  здруженија,   од Центарот за јавно здравје Велес, од Државниот и санитарен инспекторат. Локалната власт се обидела преку неколку локации околу акумулацијата, да се обезбеди свежа вода, но обидите биле неуспешни, вода нема.

„Потребен е дотур на свежа вода до езерото, потребен е кислород. Нашите анализи покажаа дека единстено може да се обезбеди од Отовичка река. Ќе преземеме механики чистења на коритото на реката.  Потребни се и пари за чистење на вентилите на браната од езерото, за да може да се испушти дел од водата во акумулацијата и да има можност за дотур на нова свежа вода“- вели Цилаков.

Меѓу мерките за спас на акумулацијата Младост, се задачите - да се изготви проект и финансиска конструкција за чистење на испусните вентили на езерото; механичко отстранување на масите од алги како и душеците мртва растителна маса од површината на водата, со што ќе се оневозможи збогатувањето на екосистемот со органски материи и нутриенти при разградба на органските матери; механичко чистење, отстранување на конгломератите кои се наталожени на дното на акумулацијата — багерирање;  изнаоѓање на начин за аерација на водата-еден од начините е со вградување на пумпи во самата вода кои во функција на фонтани ке исфлаат дел од водата во воздух.
Во 2012 година со три милиони денари од Министерството за земјоделие,  беа заменети овие вентили, но тие никогаш не се искористија, оти при некои подоцнежни обиди, се констатирало дека не биле во функција, биле во дефект.   

Велешкото езеро е во „алерт2“ состојба, поради тоа што  има присуство на цијано бактерии, открија анализите на Хидро Билошки завод од Охрид (ХБЗ).  Овие вредности не можеа да го откријат ниту Центарот за јавно здрвеје ниту лабарторијата Фуд Лаб, кои го следат квалитетот на водите од езерото, бидејќи немале можност за такви анализи.

„Битно е во нашиот случај да знаеме дали има присуство на цијано токсини. Најблиску каде може да се испита водата за присуство/отстуство на цијано токсини е во Словенија.Таму се испитува и евентуалната нивна концентрација, во други лабаратории на Балканот таква можност нема“ – кажа д-р Ивана  Горгиевска.

За жал локалната власт нема толку средства за едно вакво испитување во Љубљна и затоа бара дел од финасиите за спас на езерото Младост, да ги обезбеди  Министерството за животна средина.  Акумулацијата се полни со вода од Отовичка река и Рудничка река, кои со години не` течат и се суводолици

Но треба и да се испита можноста водата од езерото „Јарбош“ кое своевремено пред 40 години го создал АК „Лозар“ да се искористи за полнење на езерото Младост, за што било и создадено. Тоа е под коцнесијана Ловното друштво Руен. Лани непознати сторители со булдожер ги затрупале изворите и сега езерото Јарбош е полупразно.

Опцијата како можност  за полнење на езерото Младост со вода од езерото Лисиче, што беше актулено 20 гходини,  е отфрлена од страна на консултантите ангажирани од КФВ Банката, која го додели кредитот за изградба на цевковод. Таквата можност е оценета како нерационална и несоодветна. Стручните лица сметаат дека ќе се наруши флората и фауната на езерото Младост, доколку се помешаат водите.

„Сите предложени мерки не можат да се реализираат преку ноќ, ниту  само една  институција  може да помогне во решавањето на проблемот. Основно е да се мапираат загадувачите, за да престане загадувањето, па потоа да се санираат последиците. Потребен е заеднички настап и напори  на сите, за да се спаси езерото“ – вели Сашка Коцевска од ЕД Вила Зора.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

  • добро е
  • не ми се допаѓа
  • ме бендисува пешачката патека која е бојадисана
Резултати