Петар Печков
Објавено: четврток, 26 септември 2024
Постапувајќи по заклучоците од седницата на Советот, локалната власт побара финансиска поддршка за повеќе активности со кои би се помогнало во санацијата на состојбата со езерото Младост.
Општина Велес ги објави активностите но и потребите, за санација на езерото Младост, откако летово беше објавено дека водата е ризичнa по здравјето на капачите и флората и фауната во него. За состојбата на акумулацијата беше разговарно на седница на Советот на Општина Велес. Локалната власт се обратила до Владата, во писмо во која е наброено што треба да се преземе, но нема конкретна сума, колку тоа би чинело и колкави трошоци ќе предизвика. На листата се десетина активности кои треба да ги реализираат повеќе субјекти.
Меѓу нив се задачите - да се изготви проект и финансиска конструкција за чистење на испусните вентили на езерото, механичко отстранување на масите од алги како и душеците мртва растителна маса од површината на водата, со што ќе се оневозможи збогатувањето на екосистемот со органски материи и нутриенти при разградба на органските матери, механичко чистење, отстранување на конгломератите кои се наталожени на дното на акумулацијата — багерирање, изнаоѓање на начин за аерација на водата-еден од начините е со вградување на пумпи во самата вода кои во функција на фонтани ке исфлаат дел од водата во воздух, снабдување на акумулација со свежа вода, затоа што Отовичка река од која по природен пат се надополнуваше езеро Младост, веке неколку години по ред, во текот на летниот период пресушува, механичко чистење на речното корито на Отовичка река, изнаогање на начин за површински и темелен испуст на водата. Темелен испуст поради дефект на вентилите на браната нема повеќе од 10 години, а поради сушните периоди и слабиот доток на вода во езерото 3 години нема ни површински истек.
Советниците бараат ангажирање на експертски тим кој ќе изработи проект со активности за cпac на езеро Младост.
„Со цел да се спроведат горенаведените препораки, мислења и заклучоци, а со една единствена мисија да се спаси акумулацијата Езеро Младост, потребни се финансиски средства кои Општина Велес не може во целост да ги обезбеди. Ве молиме да ни излезете во пресрет со финансиска помош за реализација на горенаведените дејствија кои што треба да се преземат со цел да се спаси акумулацијата Езеро „Младост"- пишува во писменото обраќање до Владата.
Нотирани се и обврските JП Лисиче, кое стопанисува со водата од езерото, да достави проект за можноста за дотур на свежа вода и аерација на езерото. Општина Велес пак да обезбеди финансиски фонд за чистење и одржување на крајбрежјето на езеро „Младост" и задолжително и континуирано да обезбедува инфраструктура за одведување на отпадни води на сите објекти како и на парцелите за кои има издадено или во иднина ќе издаде одобрение за градба на локалитетот .
Согласно Извештајот од Јавната научна установа Хидробиолошки завод — Охрид за извршените физичко-хемиски, микробиолошки, фитопланктонски и зоопланктонски анализи на акумулација Младост и стручното мислеіъе од Институтот за јавно здравје, загрижувачка е состојбата со езерото, затоа што видлива е пролиферација на алги и појава на пена и голема количина пливачки душеци (биомаса) долж крајбрежјето на акумулацијата, потврдено е присуство на цијанобактерии, кои при нивното распаѓање може да ослободат токсини, кои можат да бидат штетни по здравјето на лугето, животните, вклучително и водните животни.
Исто така утврдено е присуство на зелени алги и дијатомеи, кои произведуваат прекумерна нетоксична биомаса и главно предизвикуваат хипоксија, мирис и естетски проблеми на површинската вода од акумулацијата.