Петар Печков
Објавено: вторник, 11 јуни 2024
Оваа пролет, како и бројни пред тоа, во водениот дел од крајбрежјето на езеро Младост, присутна е материја која плива по површината. Бројните рекреативци кои доаѓат преку викенд на оваа акумуалција, реагираат за состојбата, при што бараат истата да се отстрани.
Стравуваат дека тоа се фекалии, нечистотија, кое го искажуваат на социјалните мрежи. Д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје ги смирува велешани, дека материјата не е опасна и штетна, освен што е грда слика и треба да се отстрани.
„Тоа се отпадоци од алгите, од трските. Езерото Младост не е природно езеро и не се самопрочистува, тоа е акумулација. Треба човечкиот фактар да помогне, со чистење на крајбрежјето во водениот појас, така ќе се ослободи површината на езерото. Фекалии не се, тоа се органски материи остатоци од алгите, трските, нивниот цвет. Човекот треба да помогне со нивно отстранување“- кажа примариус д-р Петрова.
Граѓаните во нивните реакции бараат и да се исече трската која го зафати крајбрежјето на езерото и оневозможува капење. Локалната власт на Велес во мај 2011 година изведе акција на сечење на трската од езерото Младост, но и чистење на тињата од крајбрежјето, по што реагираа стручни лица, дека тоа беше екохаварија.
„Апсолутно е погрешно да се сече трската во периодот на најголемиот мрест на повеќето видови риба. Од мај до јули не смее да се сече трската бидејќи икрата е околу стеблото, но по ова чистење таа е падната на земја и уништена. Со исчистената тиња пак е однесена храната за рибите, црвите но и другиот животински свет кој го има во езерото“ – кажаа тогаш професори до Земјодлескиот факултет.
Концесионер на водата од езеро Младост, е ЈВП „Лисиче““ кој наплатува на сопствениците на лозови плантажи од околината за користење на водата за полевање. На поставеното прашање дали и кога оваа органска материја планираат да ја отстранат, одговор засега нема.