Петар Печков
Објавено: понеделник, 11 март 2024
Драстично е намалувањето на исплатата на буџетски средства, за обесштетување на граѓани кои се каснати од кучиња во Велес во 2023, споредено со 2022 година. Според податоците на локалната власт, ако пред две години беа исплатени без малку шест милиони денари, лани нешто повеќе од еден милион.
Од Општина Велес соопштија дека по основ каснување на куче, тие за 2023 година исплатиле вкупно 1.088.388 денари, од кои на физички лица 624.806 денари и на правни лица, адвокати 463.582 денари. Градоначалникот Марко Колев вели дека тоа се должи на промената на постапката, бидејќи од лани е вклучена осигурителна компанија.
„Општина Велес има склучено договор со осигурителна компанија поради која се спроведува судски постапки за докажување на штетниот настан. Ова имаше влијание на два начини. Граѓаните кои претходни години вршеле злоупотреба се одвраќаат од помисла поради долгите судски постапки, а втора причина е што има доста постапки кои што се уште се во тек и иако се случиле во 2023 година одлука можеби ќе следи во оваа година. Поточно, во моментов има еден активен предмет пред Основен суд Велес, два кои се со предлог за вонсудска спогодба, за еден се чека првостепена пресуда, три се одбиени и 75 случаи се пред Апелација“ - кажа градоначалникот Колев.
Лани по пресуда биле исплатени 363.876, по судски спор 674.512 и по спогодба исплатени се 50.000 денари. Лани во Полициска станица Велес биле пријавени 92 каснување од куче, додека во болница 142 каснувања.
Освен овие еден милион денари кои се исплатени од општинската каса, Општина Велес , согласно законската обврска има склучено договор за контрола на популацијата на бездомни кучиња со ЈП за заловување и третман на бездомни кучиња „Стационар Лана Струмица“. Вредноста на договорот 1.000.000 денари.
За период од четири и пол години,2020-2023 општина Велес исплатила отштети кон граѓаните за каснување од кучиња, во висина од вкупно 257.215 евра.