Откако пред една седмица водата од плажата Бела вода микробиолошки не беше добра, за седум дена се прочисти покажала вонредната анализа и сега таа е со одличен квалитет

Петар Печков

Општина Велес побара вонредна микробиолошка анализа на површинската вода на езеро Младост, на две плажи, Панини и Бела вода. Резултатите кои се објавени на службената страница на Општина Велес, се дека  површинската вода е одлична според микробиолошкиот индикатор, присуство на цревни ентерококи и ешерихија коли, и за двете плажи.

Испитаните примероци се земени на 18 јули, седум дена по претходната анализа на површинската вода на, тогаш четири плажи на езеро Младост, при што беа анализирани хемиските и микробиолошките вредности. На три од нив Градска плажа, Романтик, Панини имаа добри резултати за површинската вода и микробиолошка и хемиската анализа, додека анализата на површинската вода на плажа Бела вода покажа добри хемиски резултати а микробиолошката дека има фекално загадување.

Вредностите измерени на 11 јули покажаа дека  анализираниот примерок на површинска вода на плажата Бела вода, ги надминува границите за добра вода. Анализата е изработена  од овластена лабараторија „Фуд лаб“ од Скопје. Испитување врши и Центарот за јавно здравје Велес, на две плажи  Градска и Романтик. Нивните резултати, по анализите од месец јуни, се дека површинската вода на овие две плажи е добра и се препорачува за капење.

Наспроти анализите за квалитетот на водата од езеро Младост, тоа не се користи летово за капење, поради материјата која плива по неговата површина. Стручните лица објаснуваат дека тоа е органска материја, никако и фекалии, кои пливаат по површина. 

Д-р Снежана Петрова од Центарот за јавно здравје  уште пред еден месец и половина кажа  материјата која плива по езерото, не е опасна и штетна, освен што е грда слика и треба да се отстрани.

„Тоа се отпадоци од алгите, од трските. Езерото Младост не е природно езеро  и не се самопрочистува, тоа е акумулација. Треба човечкиот фактар да помогне, со чистење на крајбрежјето во водениот појас,  така ќе се ослободи површината на  езерото. Фекалии не се,   тоа се органски материи остатоци од алгите, трските, нивниот цвет. Човекот треба да помогне со нивно отстранување“- кажа примариус  д-р Петрова. 

По ова ТрМр го праша концесионерот  на водата од акумулацијата ЈВП Лисиче, што ќе преземе за надминување на ваквата состојба. Тие одговорија дека примероци од водата се дадени на Хидробиолошки завод Охрид на анализа. Но стурчните лица од оваа институција лично дошле да земат примероци од водата и тоа од три нивоа, површинска, при дното и средината во однос на длабочината. Примероците кои биле испратени од ЈВП Лисиче, не биле земени во предвид. Минатата недела, во петокот резултатите стигнале, но тие засега  нема да бидат објавени во јавноста.

„Извештајот за извршени физичко-хемиски, микробиолошки, фитопланктонски и зоопланктонски анализи од ЈНУ Хидробиолошки завод -Охрид го добивме. Нашите обврски налагаат за неговата содржина најпрвен да  ги известиме надлежните државни и локални органи и инспекциски служби,односно приоритетно до нив да го доставиме извештајот. Дополнително ќе се одговори на барањата на јавноста да бидат запознати со резултатите од анализирањата  и препораките за понатамошно постапување“ – пишува во одговорот на ЈВП Лисиче.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

  • добро е
  • не ми се допаѓа
  • ме бендисува пешачката патека која е бојадисана
Резултати