Петар Печков
Објавено: понеделник, 17 март 2008
- Успеавме преку струмичанец да контактираме со познатиот хрватски ланец маркети „Конзум“ кој откупува дел од производството. Задоволни сме од цената 50 денари за килограм и секој ден, шест тони млад кромид, се откупуваат и извезуваат за Хрватска – вели Тодор Блажевски, кој е среќен бидејќи откупувачот сами го пронашле. Тој и неговото семејство се вклучени во одгледувањето на овој градинарски производ девет месеци, за овие два го наплатат нивниот труд. Пласманот бил обезбеден до католички Велигден и договорено е сто тони да завршат на овој пазар.
Годинава младиот кромид од Башино село е засаден на 50 хектари и се очекува да се произведат 300 тони. Во Башино село кое брои 200 куќи со илјада жители, безмалку сите работат исто и тоа им е основна егзистенција. Звукот на камионот кој доаѓа во селото е надеж дека нивното производство нема да остане на нива. Стандардно во селото доаѓаат прекупци од Арачиново кои потоа го продаваат на пазарот во Косово и Македонија, а присутни се и купувачи од Бугарија и Србија. Башиноселци се оптимисти дека по неколкуте посни години, оваа поголемиот дел од производството ќе се продаде а тие ќе заработат.
