НЛО над Плачковица

lj lkjl

Дека територијата на Македонија е често посетувана од т. н. неидентификувани летачки објекти покажува и последниот случај од пред неколку дена, кога на раздалеченост од 45 километри е видено летало за кое очевидците тврдат дека е летачка чинија. Едниот од нив, Борче Јаневски од Кочани, вели дека случката од пред неколку дена не го изненадила многу, бидејќи не му е првпат да гледа НЛО-објекти.

- Во саботата околу 21 часот на небото под Плачковица видов објект во ромбоидна форма со бела боја. За време од околу две минути, колку што можев да го видам објектот, бојата се менуваше и стана портокалова. Знам дека не е метеорски дожд, зашто објектот се движеше паралелно, а не дијагонално како метеорите. И следниот ден видов сличен објект, но глетката траеше кратко, бидејќи времето не беше убаво - рече тој.

Тој додава дека пред околу шест месеци имал слично искуство, кога видел два НЛО-објекта на истото место над Плачковица, кај Кочани.

- Објектите што ги видов беа во форма на Давидови ѕвезди. По пет минути, почнаа да се распоредуваат во вид на крст, се додека не се изгубија сосема. Беше полна месечина, рано наутро, околу четири часот - рече тој.

Тој вели дека заедно со другарите многу пати досега виделе НЛО и тоа најмногу над Црквиште, близу с. Мородвис во општината Зрновци. Најмногу летала се појавувале за време на празниците, околу Прочка и Велигден.

Вториот очевидец, Мите Николов од с. Драгоево, близу Штип вели дека околу 21 часот сигурно видел нешто на небото, но не е сигурен што е всушност тоа.

Ѓоре Ценев од Планетариумот во Скопје вели дека не може да каже за што точно се работи, бидејќи не е доволно запознаен со случајот на НЛО виден над Плачковица.

- За да почнеме научно да истражуваме, треба да имаме прецизни информации, точното време и место, кои во моментот ги немаме. Сепак, науката е скептична во тој поглед и не верува дека постои друга цивилизација што не би направила контакт со луѓето - вели Ценев.

Стојмир Симјановски, уфолог што долги години се занимава со проучување на овој феномен во Македонија, вели дека не е запознаен со последниот случај на НЛО во Македонија.

- Се уште не сум го проучил случајот над Плачковица, но сигурно сме имале посета од вонземјани. Тој регион над оваа планина, Штип, Кочани заедно со Јама, Кичевско и Кратово се најпосетени места во Македонија. Македонија е интересна за вонземјаните, зашто е земја на древни цивилизации. Треба да се прави разлика меѓу НЛО и непозната светлина, метеори, делови од ракети и други појави што не се летачки чинии. Во светот постојат над 20 видови летачки објекти што се појавуваат различно, некои преку ден, некои навечер - рече Симјановски.

Според него, вселенците цивилизациски се на многу повисоко ниво, па затоа немаат контакти со луѓето, туку само ги набљудуваат.

Последниве педесетина години по првиот случај забележан во 1942 година, Македонија е под инвазија од вонземјани.

- Вонземјаните бараат духовна хармонија или предупредуваат за нешто лошо што треба да се случи. Тие сакаат добри и умни луѓе, а на ова тло отсекогаш имало такви - вели Симјановски.

И астронаутите доживуваат блиски средби од трет вид

Забележувања на непознати летачки објекти неретко пријавуваат и астронаутите испратени на вселенски мисии во орбитата околу Земјата. Така, мајорот Гордон Купер, кој во 1963 година полетал во вселената во капсулата „Меркјури“, со која 22 пати орбитирал околу нашата планета, при последниот круг пријавил дека забележал сјајни, зеленикави објекти, кои брзо се приближувале до неговата капсула.

Во јуни 1965 година астронаутите Ед Вајт и Џемс Мекдајвит поминувале над Хаваите во вселенското летало „Џемини“, кога забележале необичен, навидум метален објект. Од НЛО-то излегувале два издолжени дела во вид на раце, кои Мекдајвит ги фотографирал.

Во декември 1965 година, Џемс Ловел и Френк Бормен, исто така пилоти на „Џемини“, пријавиле неидентификувано вселенско летало, кое се движело недалеку од нивната капсула. Контролата од Земјата ги убедувала астронаутите дека ја гледаат потисната ракета, која претходно се одделила од леталото. Бормен потврдил дека ја гледа ракетата, но дека недалеку од неа лебди друг неидентификуван објект.

Дури и првите луѓе што стапнале на Месечината, Нил Армстронг и Едвин Баз Олдрин, набргу по своето историско слетување на природниот сателит на Земјата со „Аполо 11“ во 1969 година, пријавиле дека забележале НЛО.


И Александар Македонски имал средба со вонземјани

Како што тврди Стојмир Симјановски, Александар Македонски повеќепати имал средби со вонземјани, а доказ за тоа е победата над царот Дариј.

- Бидејќи вонземјаните сакаат средби со умни и паметни луѓе, сигурно го посетиле Александар и му помогнале да победи. Не е можно 20.000 да победат над милион војници - рече тој.


Инцидентот Розвел

Во почетокот на јули 1947 година, ранчерот Вилијам Бразел открил големо количество „необичен“ материјал, кој бил расеан насекаде по неговиот ранч во близина на местото Розвел. Бразел за ова го известил локалниот шериф во Розвел, Џорџ М. Вилкокс, кој веднаш контактирал со тамошната воздушна база. Наредниот ден бил објавен официјален извештај во кој се велело дека локален ранчер нашол падната „летачка чинија“.

Но, само еден час подоцна, приказната била променета: објектот бил временски балон, на кој била прикачена радарска опрема во вид на ромб. Тоа се претворило во официјална приказна, особено кога Бразел се појавил во Розвел за да даде интервју за локалниот дневен весник. Неколку новинари забележале дека тој бил во придружба на воени лица.

Бразел ги опишувал остатоците од голем временски балон, кои биле распрскани на голем дијаметар.
Подоцна, повеќе НЛО-истражители тврделе дека промената во воената приказна од летачка чинија во временски балон претставува дезинформација и дека американската влада ги крие вистинските информации.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати