Петар Печков
Објавено: петок, 10 јули 2009
- Не го сторив делото и не сум виновен, така што нема за што да се каам – изјави во своја одбрана Николовски. Тој објасни дека пред психијатрите го признал убиството на таткому и начинот на кој го сторил, бидејќи тие му ветиле дека ќе биде ослободен ако признае. Обвинетиот пред судот се сеќаваше на сите детали и на се што се случувало претходните денови, но имаше ,,празнина,, за критичниот момент на убиството за кое се товари. Се жалеше дека петокот ноќта кога се вратил од забава од селото Лозово, таткому кој бил во алкохолизиреана состојба, доцна ноќта го карал зошто живее таков неуреден живот и му удрил шлаканица. Така било и наредниот ден, по што Роберт си заминал за да се врати во неделата, кога видел дека таткому го нема па два дена го барал по селото. Вториот син на починатиот, Бојан Николовски кој работи и живее во Скопје, пред судот изјави дека ниту таткому ниту брат му до тој ден не се пожалиле дека имало караница меѓу нив или дека односите им се нарушени. Тој и неговите чичковци, браќата на починатиот изразија задоволство од висината на казната, но се пожалија дека нивниот татко и брат , никогаш нема да се врати. Бранителот на обвинетиот, адвокат Боби Гајдов рече дека во доказната постапка со ништо не е потврдено дека неговиот клиент е сторител на делото.
- Нема мотив, ниту е констатиран начинот, ниту е пронајдено механичкото средство со кое се нанесени двата смртоносни удари во срцето на починатиот. Никој од сведоците не посочи дека Роберт е сторителот на делото – изјави адвокатот Гајдов во неговите завршни зборови. До правосилноста на пресудата Роберт Николовски останува во притвор. Убиството според обвинението се случило на 14-ти декември лани, во неодреден час и време во семејната куќа на Николовски, кога Роберт го убил татко му, кој спиел во кревет, откако претходела меѓусебна расправија. Подоцна синот Роберт, одел по селото и ги прашувал соселаните дали го виделе таткому и каде е тој. За да биде уверлив на мотор почнал да ја пребарува околината на селото Иванковци за да го најде татко му Добре и искажувал загриженост да не му се случило нешто лошо и на овој начин сакал да обезбеди алиби.

