Петар Печков
Објавено: понеделник, 10 август 2009
- Езерото им припаѓа на сите граѓани и општината е должна да создаде минимум услови за кампување и летување. Изминатиот период сведоци сме на узурпација на плажите од страна на камперите, иако тие треба да бидат достапни на сите граѓани. Тие се диво поставени кампови и сакаме да воведеме ред. Крајбрежниот појас е место каде не смеат да се поставуваат такви објекти - изјави Горан Петров градоначалник на општина Велес. Локацијата на камп приколките покрај езерото Младост, на неколку метри од водата, ги скара сопствениците и локалната власт на Велес. Општинските инспектори бараа отстранување на диво поставените објекти а нивните сопственици бараа докометација дека градот управува со крајбрежниот појас.
- За да било кој ми побара да се дислоцирам од овој простор, потребно е да покаже документи дека истиот му е доделен на користење. Таков документ инспекторите кои бараа да си заминеме не покажаа – велат камперите кои летуваат покрај езерото Младост.
На камперите за да се дислоцираат како замена им се нуди просторот во близина, кој е над патот. Таму има 60-тина парцели каде изминатите години летуваа кампери. Тој простор годинава општината реши да се користи бесплатно, бидејќи нема услови за подолг престој на гостите, нема струја, вода, санитарни јазли. Според Деталниот урбанистички план на крајбрежјето на езерото Младост има десетина локации каде треба да се изградат хотели, мотели и автокампови. Досега само еден заинтересиран на јавно наддавање го има купено просторот од Министерството за транспорт и врски но сеуште не започнал до градежните работи.
