Петар Печков
Објавено: петок, 27 јуни 2008
- Од годинава со Закон обврзани сме децата да продолжат да се школуваат а од друга страна не ни даваат шанса да ги запишеме. За прв пат децата од велешко можат да продолжат да учат на мајчин албански јазик, поблиску до родните места. Но тоа ќе можат да го сторат само одличните, додека останатие не и ќе треба да се запишат во друг град, како досега во Скопје или Тетово - вели Илијаз Адеми родител на ученик кој е одбиен во првиот уписен рок. Од вкупно 30 ученика што конкурирале 20 се примени, додека 10 поради послабиот успех не. Примините ученици очекуваат дека од есен ќе профункционира паралелката, бидејќи во вториот уписен рок ќе конкурираат ученици со одличен успех кои не успеале да се запишат во прва година во средните стручни училишта во Скопје и Тетово. Оваа учебна година во велешко настава на мајчин албански јазик посетуваа 64 осмооделенци во училиштата во Бузалково и Горно Јаболчиште.
