Зоран Николов
Објавено:
понеделник, 10 април 2006
2541
Марјан Ѓуровски, советник за односи со јавноста на премиерот Владо Бучковски, го фатиле како препишува на испитот политички систем на Македонија со книгата под маса, раскажуваат студенти од Философскиот факултет. Студентите реагирале, асистентката го опоменала, а Ѓуровски продолжил да чита од учебникот. Кога професорката Билјана Ванковска му ставила шестка во индексот, Ѓуровски збеснал и ја обвинил дека го шиканира затоа што тој работел за Владата. - Дрско препишуваше на испитот. Неколкупати асистентката му ја зеде книгата, а тој стануваше и си ја земаше. Срамота е советникот на премиерот да не може да го научи политичкиот систем на Македонија. По испитот, реагиравме и кај професорката Ванковска - велат студенти на катедрата по одбранбени и мировни студии на Философскиот факултет. Професорката Ванковска вчера потврди дека имало инцидент на испитот. Таа вели дека најмногу ја иритирало што неколку месеци подоцна таа слушала како Ѓуровски зборува низ факултетот дека му се одмаздувала затоа што тој работел како владин советник. - За мене сите студенти се еднакви. Но, кога ви доаѓа некој студент што работи за Владата и препишува на испит, кај професорот се создава дилема дали да го пушти и да го прекрши кодексот. Кај мене доби преодна само поради стравот кај асистентката да го дисквалификува на испитот. Она што најмногу ме загрижува е тоа што тој низ факултетот зборува дека намерно сум му ставала ниски оценки затоа што сум сакала политички да се одмаздувам - ни рече Ванковска. Таа вели дека на вториот испит кај неа, по меѓународни односи, Ѓуровски го научил материјалот и добил седмица. Советникот на премиерот Бучковски вчера ни се закани дека ќе поднесе кривична пријава доколку ја објавиме информацијата. - Тоа е тешка шпекулација и ако ја објавите, ќе ве тужам. Не е ваша грижа што сум добил по политички систем, ниту пак каков студент сум. Јас имам одличен однос со професорката Ванковска, многу ја почитувам и постојано соработуваме - рече Ѓуровски. Неговите колеги раскажуваат дека сите оцени што Ѓуровски ги добил во прва година му биле десетки, па затоа толку жестоко реагирал на „шестката“ кај Ванковска. Тој ретко се појавувал на предавањата, а голем број од семинарските работи препишувал од материјали во владините сектори. Извор: [url=www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID=708&ArticleID=45175]Дневник[/url]