Петар Печков
Објавено: петок, 08 мај 2026
Две лица на селската слава во Караслари предизвикале неред и го нарушиле јавниот ред и мир. Како засилување дошол и родителот, таткото на едно од лицата, кој нападнал полицаец. Деталите за настанот од информацијата на велешка полиција.
„На 6 мај во 23:45 часот во село Караслари, велешко, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Г.Ј.(51 год) од село Долно Караслари. Претходно, за време на одржување верска манифестација во селото, С.Ј.(29 год) од село Долно Караслари и Л.Х.(35 год) од село Кочилари, општина Градско, го нарушиле јавниот ред и мир со дрско и непристојно однесување и при преземање мерки од страна на полициски службеници, на местото пристигнал Г.Ј., татко на С.Ј., кој започнал агресивно да се однесува и физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија“ – соопшти Ана Милевска Ѓеоргиева, портпарол на СВР Велес.
Лицата биле приведени во полициска станица, а по преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека Г.Ј. и С.Ј. биле под дејство на алкохол, односно на Г.Ј. му биле измерени 0,99 промили алкохол во крвта, а на С.Ј. му биле измерени 1,06 промили алкохол во крвта. Тие биле задржани во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
фото архива
