Петар Печков
Објавено: вторник, 24 март 2026
Локалната установа „Народен музеј“ Велес треба да прерасне и се врати во Национална установа. Ова го побара директорот Ангел Коруновски пред членовите на Советот.
„Оваа година ни е јубилејна одбележуваме 80 години постоење, со што сме најстара ваква културна институција во земјава. За да не се судираме со проблемите кои до сега ги имавме потребно е да прераснеме во Национална установа, да го вратиме статусот ко ј го имавме. Лани преживеавме со само тројца вработени а имаме 11 значајни објекти за одржување, некои од нив се од прва категорија“ – кажа Коруновски.
Народен музеј Велес е формиран на 24.03.1946 година, по иницијатива на Ѓорѓи Милошев тогаш професор во велешката Гимназија „Кочо Рацин“ а подоцна третиот архиепископ по возобновувањето на Македонската православна црква. г. г. Гаврил.
Во склоп на музејот постојат четири одделенија- археолошко, етнолошко, историја на уметност и историско.
„Имаме две одделенија кои се отворени – археологија и историја на уметност, додека историското и етнолошкото не. Затоа е потребно кадровски да се до екипираме, лани примивме две колешки. Спомен Костурницата капитален објект, нема вработен, нема чуварска служба“ – рече Коруновски.
Народен музеј Велес ги поседува Спомен куќа на Коста Солев – Рацин, Спомен куќа на Васил Главинов, Спомен костурница на паднатите борци од Велес и Велешко во НОБ и Меморијалниот музејски комплекс во село Горно Врановци со пет куќи. Исто така дадени на управување од Локална самоуправа се и Ликовниот салон, Куќата на Касапови и Куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот.
Советницитте побраа Народниот музеј да започне со продажба на сувенрири, предмети кои се заштитен знак на оваа институција. Како предлог беа посочени окарината или златната дијадема, кои се меѓу највредните артефакти на институцијата.
