Петар Печков
Објавено: среда, 29 октомври 2025
Претпладнево отворено е детското игралиште Зоки Поки, кај Железничка станица, донација од компанијата „Пододекор“. Тоа е подарок од фирмата за децата од градот, кои гравитираат кон овој дел на Велес. Игралиштето чија вредност е три милиони денари, во целост покриени од „Пододекор“ во емотивно, искрено и човечко обраќање го отвори Златко Љутков.
„Драги сограѓани, почитувани пријатели и наши најмлади. Денес, на 29 октомври, стоиме овде со мешавина од радост и тага — зашто го отвораме ова прекрасно детско игралиште, а во исто време во срцето чуваме неизмерна болка. Ова место не е само игралиште. Ова е спомен на еден прекрасен човек, мојот брат, кој беше мој потпор, моја гордост и моја радост — човек со големо срце, полн со љубов и добрина. Овој проект го започнавме заедно, со идеја да направиме нешто убаво за Велес и за Македонија. Мојот брат Зоран веруваше дека децата се нашата најголема радост и најголема одговорност. Тој секогаш знаеше да донесе насмевка, да помогне, да охрабри, да направи добро дело — без многу зборови, но со големо срце. За жал, животот беше суров и ни го одзеде прерано. И денес, додека гледам во ова игралиште, во секое дрвце, во секоја клупа, во секој ѕвон на детска смеа — јас го гледам него. Неговиот дух е тука, меѓу нас, како да ни вели: „Продолжете, радувајте се, сакајте — како што јас сакав!“ Во негова чест, и со љубов што никогаш нема да згасне, ова место ќе го носи неговото име — „Зоки Поки“, затоа што така сите го знаевме: весел, чист, искрен, како дете во срцето. Сакам да упатам искрен повик до сите наши сограѓани, компании и пријатели во Велес — да се приклучите во вакви дела што носат смисла. Да правиме добро. Да создаваме убавина. Да не дозволиме болката да нè скрши, туку да нè научи да бидеме подобри луѓе. И апелирам до сите — да се грижиме за ова место, зашто не е само игралиште, туку споменик на љубов, братство и човечност. Нека ова игралиште биде дом на радоста, а секоја детска насмевка што ќе се роди тука — нека биде благослов за мојот брат, кој од небото сигурно гледа и ни се насмевнува денес, горд и мирен. Благодарам од срце на сите што помогнаа, што сте тука и што ја делите оваа емоција со мене и моето семејство. Нека е со благослов и љубов за сите нас“- порача Златко Љутков.
На отворањето беше и градоначалникот Марко Колев и пратеникот Игор Здравковски. Први посетители беа децата од градинката „Димче Мирчев“.
фото од почеток до завршување и предавање на игралиштето
