Есенската дератизација ги уплаши сопствениците на домашните миленици

Петар Печков

Ветеринарите демантираат дека тие предупредиле и изјавиле дека отровот расфрлан за глувците по градов е опасен по кучињата и децата. Ова доаѓа откако во вторникот попладне група на сопственици на домашни миленици - кучиња реагираа  на почетокот на процесот на дератизацијата, постапка на уништување на глувците и глодачите, заради заштита од заразни болести. 

Кај нас никој  се нема јавено да праша  за отровот за глувци кој е расфрлан по јавните површини. Така што го немаме видено и не знаеме за кој отров станува збор, ниту пак имаме дадено изјава за неговата штетност  - изјави Димче Димитриевски директор на Ветеринарната станица во Велес. Дополни дека до денес, четврток, немало домашно милениче за кое било побарана здравствена помош кај нив, заради труење. Тој кажа дека за настанот и реакциите дознал од социјалните мрежи.  Сопствениците на домашните миленици алармираа  зошто по градот бил расфрлан отров за глувци, кој бил отровен и опасен   за кучињата но и за децата.

Ветеринар ни кажа дека отровот е многу опасен и дека треба да ги внимаваме нашите домашни миленичиња - кажа сопственичка на куче која реагираше на фрлањето на отровот за глувци.     

Има ли еден од вас што знае колку време и во какви маки умира куче од ваков отров ? Или глувците се изговор ? Или сега ќе се правиме глупи дека кучињата не го јадат  - напиша на ФБ Виктор Мазнев кој  згрижува десетина кучиња скитници. 

Од локалната власт претходно соопштија дека во вторникот од раните утрински часови, е започната   есенската дератизација на јавни површини и јавни објекти кои се во надлежност на Општина Велес. Тоа се врши два пати во текот на годината, на пролет и есен и во наредните денови ќе се изврши на површина од 150 илјади м2, односно сите јавни површини во градот како и двата брега на реката Вардар, од Башино село до компанијата Агриа кај вливот на Бабуна.

Материјалот кој се користи за дератизацијата е селективен, од сертифициран производител и ја третира популацијата на глодарите и затоа не преставува опасност за останатиот животински свет - соопштија од Општина Велес. 

Ова е една од општите мерки кои општината ги презема за заштита на населението од заразни болести во согласност со општинската програма за здравствена заштита за 2019 година

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати