Петар Печков
Објавено: сабота, 27 јуни 2026
Жител на Бузалково тешко се повредил додека работел со моторна пила па е итно пренесен на трауматологија во Скопје. Деталите од информацијата на велешката полиција и болница.
„На 26.06.2026 во 18:45 часот, од Итна медицинска помош во СВР Велес е пријавено дека кај нив бил донесен Н.Ј.(51 год) од село Бузалково, велешко, кој, според пријавеното, се повредил додека работел со моторна пила. Н.С.“ – соопштија од СВР Велес.
Лицето се здобило со тешки телесни повреди, констатирани во Општа болница Велес.
„Донесен е пациент кој се здобил со голема посекотина и отворена скрешница на левиот лакт. Даден соодветен третман и упатен на клиника за трауматологија за натамошно постапување“ – кажа д-р Ана Марија Џунџева, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес.
Во полицискиот билтен регистрирани се два инциденти пријавени во Градско.
„На 27 јуни во 01:30 часот, полициски службеници од СВР Велес, го лишија од слобода И.С.(47 год) од Велес, поради сомнение дека на улица „Александар Македонски“ во Градско, од патничко возило „рено меган“ со скопски регистарски ознаки, одзел рачен часовник, сопственост на М.А.(46 год) од Скопје. Одземеното е пронајдено кај И.С. и вратено на сопственикот“
„На 26.јуни во 19:50 часот, полициски службеници од СВР Велес ја лишија од слобода М.О.Ш.(37 год) од Градско, затоа што на улица „Александар Македонски“ во Градско, со тврд предмет нападнала полициски службеник при извршување на службени задачи“
По документирање на настаните против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
