Петар Печков
Објавено: петок, 05 јуни 2026
Со сведочењето на еден од обвинетите, Даниел Димески од Прилеп и завршните зборови заврши судскиот процес за запалената викендичка во село Капиново, што се случи лани на 10 мај.
Одбраната не го предложи вториот обвинет Ѓоре Петровски како сведок во случајот. Димески одговараше на прашањата на неговиот адвокат Јанаки Митревски, повеќето наменски за сведокот а претходно осуден за истото дело Сашо Муневски.
„Ми беше кажано дека треба да одиме во напуштена куќа во некое велешко село, за да одземеме компјутери со крипто валути и биткоини. За тоа ќе добиеме одредена сума на пари. Таксистот кој не возеше знаеше каде треба да вози, јас не. Бев изманипулиран за настанот. Кога се запали внатрешноста, не видов оти бев со грб кон Муневски, му реков што правиш се жртвував, имам изгореници на раката. Сопругата и сестрата на оштетениот биле кај мене дома, и барале број од телефон за контакт со мене во притвор за да ми помогнале. Сакаа да го наместат обвинетиот Горе Петровски. Оштетените му го платиле адвокатот на Мунески“- сведочеше Димески.
Јавната обвинителка Славица Темелковски на обвинетиот Димески како сведок му предочи што кажал кога бил сослушуван пред обвинител, различно од тоа што денес сведочеше. Тогаш сведочел, дека видел како Муневски пали оган со течноста по подот, и му рекол да земе и запали крпче. наспроти денес кога велеше дека не го видел тој чин.
Во првото сведочење рекол дека доживеал експлозија како бомба и летнал десетина метри. Димески рече дека можеби го кажал тоа, ама во афектна состојба. Бранителот Јанаки Митровски не бараше обвинетиот Ѓоре Петровски да сведочи.
Во завршен збор обвинителката Славица Темелковски рече дека за лицата кои се споменуваат во сведочењето на Мунески, како нарачатели, тоа ќе било предмет на натамошна обработка од страна на обвинителството.
„Откако стасале ноќно време обвинетиот Петровски посочил каде да се движат, сопрат. Кога секој кој ќе види пожар оган, инстиктивно на било какво начин, помага колку може во спречување на последиците. Трите лица во овој настан си заминале без збор, оставајќи ја куќата во пламен. Телефонските разговори меѓу обвинетите, снимките од пожарот во викендичката, неспорно е дека двајцата го сториле кривичното дело “ – кажа обвинителката Темелковски.
При одредувањето на казната таа побара да се има предвид дека и двајцата обвинети имаат лежено затвор за сторени кривични дела.
Адвокатот Митревски, кој на последното рочиште ги бранеше обвинетите, откако по неговиот ангажман се откажаа претходните бранители Душко Петров и Ивица Ефремов, се обидуваше во завршен збор да го дискредитира сведокот, а осуден за овој случај, Сашо Муневски.
„Лицето е некредибилен сведок, кој не ја говори вистината, инстриуиран е. Тој на мое прашање како сведок, зошто ја повлекол жалбата по изречената казна од седум години затвор за ова дело, рече дека немал пари. А имал да плаќа двајца бранители“ - рече адвокатот Митревски.
Судијата Адеми соопшти дека пресудата во писмена форма ќе ја достави до странките.
Даниел Димески од Прилеп и Ѓоре Петровски од Ореше, се обвинети за кривичното дело „тешки дела против оштата безбедност“ како соизвршители, со тоа што Петровски е обвинет дека ги потикнал со умисла да го сторат делото.
