Започна промената на уличното осветлување со лед светилки (фото и видео)

Петар Печков

Во Велес започна промената на уличното осветлување, проект кој треба да ги замени сите улични светилки во општината. Треба да се променат со нови 4.695 светилки, кои се лед, зрачат бела светлост, и се енергетско ефикасни.

„Започнуваме проект кој ќе реши еден од најгорливите проблеми, осветлувањето во Општина Велес. За три-четири месеци треба да заврши замената на сите светилки во градот и селата. Се променуваат светилки од 40, 45, 55 и 85 вати.  Ќе се постават и 92 ормари, кои ќе бидат надвор од трансформаторите, тоа е и законска обврска. Така полесно ќе се контролира системот за осветлување. Со новите светилки очекуваме заштеда од 75 отсто на киловати. Дали сметките ќе се намалуват зависи од берзанската цена на струјата, која варира. Ќе се осветлуваат и парковите, новите рекреативни центри што ги изградивме. Пред некој ден светна и паркот пред Спомен Костурница“ – кажа градоначалникот Колев.

На промената на светилките работат две до три екипи на Телеком. Се работи етапно, прво главните градски улици, па споредните во градот се до периферните, потоа осветлувањето по селата. Проектот финансиски е покриен целосно од средства од општинскиот буџет.

„Вредноста на договорот склучен со ТЕЛЕКОМ  е 90 милиони денари, заедно со ДДВ.   Плаќањето е на 36 рати, три години, по 2,5 милиони денари месечно. Светилките се од производител европски бренд Шредер, висок квалитет“ – дополни градоначалникот Колев.

Фирмата Милан Шредер од која се набавени светилките е од Белград, Србија. Велес уште во 2007 година за прв пат  инсталираше нивни светилки на 47 столба.

„Се врши замена на старите натриумови светилки со нови паметни светилки, кои може да се управуваат далечински. Имаат век на траење  преку 100 илјади работни часови, дологотрајни се. Имаат одличен спектар на бои кои го проектираат со 4000 келвини.  Вградуваме опрема, со која далечински ќе се управуваат за интензитетот на осветлувањето. Лицата задолжени за управувањето со осветлувањето, ќе може секој момент да добиваат информации, каква е состојбата, каква е потрошувачката на струјата, каде се потребни евентуално интервенции. Целокупниот проект за општината ќе значи  намалување на потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување, заштита на животната средина, полесно управување со системот бидејќи далечински ќе се работи со него, нема потреба да се испраќаат екипи да работат на остранување на дефект. Бенефит има и за граѓаните, значително подобрување на осветлувањето на улиците. Мерењата на првата улица на која ги променивме светилките, АСНОМ,  покажаа има 50 отсто подобро осветлување на коловозите и тротоарите“ – изјави Марјан Богатиновски комерцијален директор за  деловни корисници на Телеком.

Оваа компанија го доби јавниот повик на Општина Велес, во третиот обид, откако локалната власт двата јавни повици сама ги прекинуваше, барајќи начин да се добие  најдобра можна понуда. И смета дека токму оваа на Телеком, нуди најдобри услови и за плаќање и технолошко за одржување на мрежата улично осветлување. Проектот на ТЕЛЕКОМ е насловен „Модернизација ан јавното осветлување“,

Одговарајќи на прашњето од ТрМр колку новиот времен сообраќај низ градот, ќе влијае на извршувањето на промената на светилките и нивната работа, Богатиновски кажа дека се во координација со СВР Велес и локалната власт и дека ќе се трудат да нема дополнително оптоварување на сообраќајот.

„Ќе работиме во завиност од оптовареноста на улиците, во повеќе смени, на различни улици, да не осетат граѓаните, оптоварување од наша страна“ -  одговори  Богатиновски.

Ќе се врши промена и на некои канделабри, тие што се искривени, накоесни, оштетени.

„Дваесет години електричната инсталција на уличното осветлување не е промената, туку само крпена. Сериозна  инвестиција во однос на каблите, не е направена.   Дел од канделабрите, носачите на светилките се во лоша состојба, некаде ги нема. Предвидовме да набавиме околу 50 нови канделабри,  затоа што некои постоечки не може да се поправат, толку се оштетени. Имаме предвидено средства и за  стругање и префарбување на дел од канделабрите кои се железни, да заличат. Долгорочно мораме да размислуваме за промената на инсталацијата“ – одговори Колев на прашањето од ТрМр за промената на кандлебарите.

Објасни и дека старите светилки ги понудил да ги отстапат, донираат на соседните општини а доколку не ги прифатат, за нив одлука треба да донесе Советот на општината.

Последната промена на уличното осветлување во Велес и општината се случи во 2013 година, кога за таа цел локалната власт се задолжи кај Светска банка.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ќе ја помните годината зад нас, 2024?

  • имаше и убави и лоши работи
  • што поскоро да ја заборавам
  • ми донесе многу радости и убави мигови
  • постар/а сум за една година
  • како и секоја друга
  • ги помнам само убавите моменти
Резултати