Петар Печков
Објавено: понеделник, 26 мај 2025
На 21 јануари на прес конференција, градоначалникот и изведувачите на промената на уличното осветлување во општината, најавија дека ќе заврши за четири месеци. Или во пракса до 22 мај. ТрМр го праша градоначалникот до каде е состојбата со промената, бидејќи рокот што сами го поставија, помина.
„Сите села на територијата на Општина Велес добија модерно, европско осветлување. Главните улици во градот се осветлени. Исто така дел од високите зони се осветлени. Согласно договорот со изведувачот Телеком, треба до 10 и 11 јуни да се заврши промената. Овие рокови се согласно договорот зо изведувачот, кога тој е воведен во работа. Остануваат уште илјада светлки да се сменат, 3.700 се монтирани и светат. Имаме проблем со реализацијата, во дел од високите зони, со тесните улици и пристапот до овие светилки. Не може возило да пријде, па светилките се менуваат со скала, или некое помало возило, ако успее да влезе. За дваесетина дена ќе објавиме дека целата постапка е завршена. Имам повратна информација дека граѓаните се задоволни од осветлувањето. Овие 3-4 модели светилки што се монтираат, даваат осветлување како што заслужува еден европски град. Ова пролет е доста врнежлива, па кога има такво време изведувачот не може да работат под напон, со струја“ – кажа градоначалникот Марко Колев.
Треба да се променат со нови 4.695 светилки, кои се лед, зрачат бела светлост, и се енергетско ефикасни. Се променуваат светилки од 40, 45, 55 и 85 вати. Се поставуваат и 92 ормари, кои ќе бидат надвор од трансформаторите, што било законска обврска. Ќе се осветлуваат и парковите,новите рекреативни центри што се изградија, светна и паркот пред Спомен Костурница. Вредноста на договорот склучен со ТЕЛЕКОМ е 90 милиони денари, заедно со ДДВ. Плаќањето е на 36 рати, три години, по 2,5 милиони денари месечно.
Светилките се од производител европски бренд Шредер, висок квалитет. Фирмата Милан Шредер од која се набавени светилките е од Белград, Србија. Велес уште во 2007 година за прв пат инсталираше нивни светилки на 47 столба.
Се врши замена на старите натриумови светилки со нови паметни светилки, кои може да се управуваат далечински. Имаат век на траење преку 100 илјади работни часови, дологотрајни се. Имаат одличен спектар на бои кои го проектираат со 4000 келвини.
Се вградува опрема, со која далечински ќе се управуваат за интензитетот на осветлувањето. Лицата задолжени за управувањето со осветлувањето, ќе може секој момент да добиваат информации, каква е состојбата, каква е потрошувачката на струјата, каде се потребни евентуално интервенции.
Целокупниот проект за општината ќе значи намалување на потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување, заштита на животната средина, полесно управување со системот бидејќи далечински ќе се работи со него, нема потреба да се испраќаат екипи да работат на остранување на дефект. Бенефит има и за граѓаните, значително подобрување на осветлувањето на улиците.
Телеком го доби јавниот повик на Општина Велес, во третиот обид, откако локалната власт двата јавни повици сама ги прекинуваше, барајќи начин да се добие најдобра можна понуда. И сметаат дека токму оваа на Телеком, нуди најдобри услови и за плаќање и технолошко за одржување на мрежата улично осветлување. Проектот на ТЕЛЕКОМ е насловен „Модернизација на јавното осветлување“.
Се врши и промена и на некои канделабри, тие што се искривени, накоесни, оштетени. Набавени се нови 50 канделабри, како и украсни светлики. Беше најавено дека ќе се осветли и Мало мовче.
Последната промена на уличното осветлување во Велес и општината се случи во 2013 година, кога за таа цел локалната власт се задолжи кај Светска банка.