Земјоделците од Овче Поле протестираа оти водните канали се празни и немаат вода за полевање, иако акумулацијата Калиманци е полна

Петар Печков

Кај крстосницата Овче Поле, на магистралниот пат Велес – Штип, на пладне два часа, земјоделците го блокираа сообраќајот. Причината е што каналите од  Хидросистемот Брегалница немаат вода. Една седмица  таа не стигнувала до нивните земјоделски површини, кои биле жедни, што се одразува и врз родот. Протестираа земјоделците од Овче Поле, Свети Николе и Лозово.

 „Сите плаќаме воден надоместок, а вода немаме.   Штетите уште отсега можеме да кажеме дека се големи, принос нема да има или ќе биде низок. Јуни сме а се ни изгоре. Ова ни се повторува со години, не е прв пат. Уште пред 7-8 години писмено реагиравме дека каналите се во лоша состојба. Толку време ништо не се презеде“ - велат земјоделците од регионот.  

Крстосницата  за Свети Николе, Велес и Штип, беше блокирана со механизација. Се најавува дека ќе продолжат со протестите, па дека ќе го сопрат и сообраќајот на автопатот.

„Системот е правен во времето на Тито, за Овче Поле да добива 80 отсто вода а Кочанско 20 отсто. Ако не било така, Овче Поле немало да биде што е сега со толку обработлива површина.  Сега е обратно, ние добиваме што ќе остане“ –додаваат земјоделците.

Од ХС „Брегалница“ објаснуваат  дека вода имало, но истата била пренасочена а дел се губела поради лошата инфраструктура. Во езерото Калиманци имало 95 милиони метри кубни вода.

„Работиме на решавање на проблемот. Тоа опфаќа отстранување на хавариите во каналите, што предизвика големи загуби и  дисбаланс во снабдувањето со вода за полевање. Годинава поради високите температури, рано започна полевањето, што се поклопи со полнењето на оризниците во кочанско. Очекуваме дека до крајот на седмицата, состојбата да се надмине“ – кажа Благојчо Богатинов, директор на П.Е. „Брегалница“ од Кочани, дел од Водостопанство. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Откако Србија и Хрватска го вратија задолжителниот воен рок, во Грција и Турција е исто така задолжителен , дали во Македонија треба да има задолжително служење војска?

  • да
  • не
Резултати