Петар Печков
Објавено: вторник, 12 август 2025
Припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно реализираа интервенција за отстранување на неексплодирани убојни средства (НУС) останати од Првата светска војна.
„Интервенцијата се одвиваше во Старо Градско, на локацијата викана Песоци, во близина на реката Вардар. По пријава од полициската станица во Градско, од терен беа безбедно отстранети една артилериска граната (75 mm), една минофрлачка граната (75 mm) и две артилериски гранати (85 mm) од периодот на Првата светска војна“ - информираа од ДЗС.
И покрај ограничените човечки ресурси, ДЗС успешно одговорила на повикот за интервенција. Пиротехничарот Ѓорги Стефанов ги подигна и транспортираше пронајдените средства до безбедна локација, каде што беа складирани до нивното уништување во Центарот за воена обука „Криволак“.
Дирекцијата за заштита и спасување апелира до граѓаните, при пронаоѓање сомнителни предмети, веднаш да известат 112, најблиската полициска станица или до регионалното одделение на ДЗС, и во никој случај самостојно да не постапуваат со пронајдените средства.
фото:ФБ Дирекција за заштита и спасување