Петар Печков
Објавено: четврток, 17 септември 2026
Четири филма на репертоарот на Киноверзум Велес следните седум дена од нив три се премиери.
Премиерата е за филмот „17“ филмското деби на Косара Митиќ, македонскиот кандидат за Оскар за следната година. Филмот за да го исполни условот за да бдие номиниран, треба да игра во кино во Македонија седум дена со по една претстава. Така продуцетот се одлучи за Киноверзум Велес. Така беше и минатата година со филмот „Силјан штркот“ кој се прикажуваше во Велес предпремиерно седум дена. Во однос на филмот „17“ тој е инспириран од вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе во тоалет на граничниот премин Табановце и замина на апсолвентска екскурзија во странство. Играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски. Во филмот играат 25 тинејџери, всушност цел клас кој оди на екскурзија.
„Инспириран е од вистински настан и обработува тема посветена на младите во нивните критични тинејџерски години, кога тие се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи“, велат од продукцијата.
„Филмот ’17’ е фокусиран на средношколците и тинејџерите, кои се критична и ранлива демографија. Во свет заситен со социјални медиуми, каде што владеат вредности кои шокираат, ’17’ ги предизвикува гледачите да се соочат со непријатните вистини за адолесценцијата и потрагата по потврда во дигиталниот пејзаж кој постојано се менува, притоа, оставајќи ги изложени повеќе од било кога досега на притисоците од средината и потребата за истражување на нивната сексуалност“, изјави режисерката Митиќ.
„17“ имаше светска премиера во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, а до сега има освоено 11 фестивалски награди, меѓу кои и во Уругвај, Болцано, Лас Палмас, Тофифест, Ерусалим, Срцето на Сараево за најдобра актерка за Ева Костиќ, Специјална награда за промовирање родова еднаквост и уште две награди на Сараевскиот фестивал и награда во Херцег Нови за најдобра режија за Косара Митиќ.
Сценариото е на Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ, продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката и фризурата се на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер е Владимир Павловски. Филмот е продукција на „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународен продажен агент е „Тотем“.
Свеченото доделување на 99. награди на Американската академија за филмски уметности и науки ќе се одржи на 14 март 2027 година во Лос Анџелес. Листата на филмови кои ќе влезат во потесниот избор за Оскар ќе биде објавена на 15 декември 2026 година, додека номинациите за 99. Оскари ќе бидат објавени на 21 јануари 2027 година.
Премиера и за комедијата „Спа викенд“ кон веќе се прикажува во кината во светот и има голема посетеност. Три другарки одат во спа-центар од своите соништа, но доаѓањето на четвтата го претвора опуштањето во хаотична, урнебесна авантура полна со пресврти и смеа. Во духот на хит-комедиите „Опасни мајки“ и „Мамурлук“, „СПА ВИКЕНД“ е урнебесна и трогателна приказна за четири пријателки кои сфатиле дека, некаде помеѓу работата, љубовта, семејството и секојдневните обврски, целосно заборавиле да се грижат за себе и едни за други. Исцрпени и во очајна потреба за одмор, тие решаваат да избегаат во луксузен спа-центар, убедени дека ги чека викенд исполнет со релаксација и полнење на батериите. Но, наместо мир и тишина, добиваат незаборавна авантура полна со смеа, луди моменти и еден куп катастрофално лоши одлуки кои ќе ги паметат засекогаш.
Третата премиера е за хоророт „Притаено зло“ . Приказната следи еден несреќен курир задолжен да достави пратка до оддалечена болница. Тој набрзо се наоѓа среде епидемија и мора да се пробива низ орди од мутирани суштества за да преживее.
Се прикажува и „Практична магија2“ со Никол Кидмарн и Саднар Булок. Повеќегенерациско семејство на вештерки, проколнато со векови да живее без љубов, се обидува да ја скрши клетвата со соочување со мрачни тајни и со жртвување еден за друг. Ова бе најгледаниот филм изминатиот викенд во светот.
