Петар Печков
Објавено: петок, 08 мај 2026
На 07.05.2026 во 16:00 часот во СВР Велес, 43-годишна велешанка пријавила дека била измамена за сума од 16.592 денари. Според пријавеното, на 05.05.2026 добила СМС порака за наводно сторен сообраќаен прекршок кој требало да го плати. Во пораката имало линк од веб страна со насоки за плаќање и било наведено дека доколку ги следи упатствата ќе плати само половина од сумата за прекршокот. Откако ги внела податоците од својата банкарска сметка, во неколку наврати добила порака за неуспешно плаќање, а подоцна забележала дека од сметката ѝ биле одземени пари. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 07.05.2026 во 08:20 часот во ОВР Неготино било пријавено дека на регионален пат Неготино - Демир Капија се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „даеву тико“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Д.М.(74) од Неготино и патничко возило „рено“ со неготински регистарски ознаки, управувано од Ј.Т.(49) од Неготино. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „даеву тико“, констатирани во Општа болница Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Неготино.
На 07.05.2026 во 17:35 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Ј.Л.(26) од Кавадарци, постапувајќи по претходна пријава од 26-годишна кавадарчанка дека во возило на паркинг простор во Кавадарци се самозадоволувал пред нејзината малолетна ќерка. Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и Центар за социјални работи Кавадарци и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
