Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 јануари 2026
Прекрасен концерт, полн со емоции, полна сала, публика која последниот половина час на нозе ги пееше песните со актерот Иван Босиљчиќ беше атмосферата во велешки театар, каде тој го одржа Божикниот концерт.
Ред рецитација на љубовна поезија, ред песна, беше концептот на концертот насловен „Наши дани“ со кој тој има новогодишно-божикна турнеја низ регионот, која освен Велес ги опфати Нови Сад, Белград,Тузла, Сараеви и Мостар. Концертот беше во организација на Општина Велес а средствата собрани од продажбата на билетите ќе бидат донирани за хуманитарна цел.
„Овој концерт вечерва е во моментите кога се собираме за убави празници. И вечерва се собравме за убава задача, убаво е што уште има добрина и убавина. Достоевски рече –убавината ќе го спаси светот. Радувајте се секогаш и секаде, среќен сум што сум вечерва со вас во Велес“ – кажа на почетокот на концерот Босиљчиќ. Тој се покажа и како одличен танчар, посебно на нумерите со латино ритам. Настапи со блок песни од југословенски евергрини започна со Арсен Дедиќ и Кемал Монтено, па руски романски, цигански песни. Имаше и македонски блок, ја рецитираше „Две тишини“ од Анте Поповски и ги пееше Тајно моја од Тоше Проески и Џипси сонг на Влатко Стефановски. Посебно инспиративно ја рецитираше љубовната „Чекај ме, јас сигурно ќе дојдам“ од рускиот поет Констатнин Симонов.
Концертот беше акустичен во придрижба на три гитари и ударачки инструменти. Меѓу нив беше мајсторот на фадо звукот Португалецот Жозе Де Силва. Останатите беа Никола Усановиќ, Марко Миловановиќ гитари и на удирачки инструменти Петар Зоркиќ. Босиљчиќ ја раскажа и анегдотата за запишувањето на факултетот за драмски уметности во Нови Сад.
„Дедо ми од татко, како најстар внук имаше желба да бидам војно лице и многу се разочара кога дозна дека ќе бидам глумец. Кога му кажав дека ќе запишувам глума, тој рече, ма ти треба за запишеш факултет. Кога се пријавив имаше 600-700 кандидати а примаат 10. Јас дете од провинција, роден во Ужице, ме примија без поддршка од никого. Кога на дедо ми му кажв ме примија на глума, тој пак ме праша а на факултет. Четири години студирав, дипломирав и со дипломата кај дедо ми, јас завршив- дипломирав. Тој радосен браво па пак ајде сега да запишиш факултет. Му велам глумата е сериозен факултет, тој ми вели, ма не тоа е курс. После многу години добивам улога во „Ранет орел“ како пилот, во бела униформа, дедо ми, ми се јавува среќен и конечно призна, Иво мој, ова ти е за два факултети“ – раскажа Босиљчиќ. Концертот „Наши дани“ на Босиљчиќ траеше два часа. Во последниот блок тој буквално ги исполнуваше музичките желби на посетителките. Концертот беше во велешки театар а билетите за него се распродадоа во првите два дена, откако тој беше најавен пред еден месец на 3-ти декември.
