Петар Печков
Објавено: среда, 01 јануари 2025
Првите часови од новата 2025 година ја донесоа првата убава вест во Велес. На акушерското одделение се родија првите две бебиња, девојчиња, близначки. Нив на свет ги донесе мајката Виолета Андоновска на возраст од 30 год.
„Бебињата ќе ги добијат имињата Јана и Сара. Среќна сум што донесов на свет две здрави женски бебиња. Имаме и син Давид од 4 и пол години“ кажа мајката Виолета.
Сопругот и татко Далибор изрази благодарност до дежурната екипа која го изврши породувањето.
„Јас сум гордиот татко. Знaевме дека ќе добиеме близначки. Мојата благодарност до докторите и сестрите за породувањето. Благодарност и до градоначалникот за вниманието и честитките. Нека дарува Господ, таму каде што нема“ рече Далибор. Тие живеат во село Сујаклари.
Породувањето го изврши гинеколог д-р Силвија Богоевска, началник на гинеколошко-акушерско одделение.
„Мајката и бебињата се во одлична здравствена состојба. Мајката второротка, породена со царски рез. Првото е родено во 10,23 тешко 3,220 кг долго 51 цм. а второто во 10,24 тешко 3,200 кг и долго 49 цм. “ - кажа д-р Богоевска.
Првата честитка до близначките ја испорача градоначалникот Марко Колев.
„Денес имаме убав повод за присуството овде, се родија две прекрасни бебиња, девојчиња. Тука сум традиционално, како градоначалник да честитам и подарам подарок зо желба за здравје, среќа на новороденчињата. Убав момент, бидејќи после повеќе години имаме близначиња“ - кажа Колев. Тој на бебињата им подари две штедни книшки со по 15 илјади денари и играчки.
При чинот на породување асистирала и анестезиолог д-р Марина Леова.
„Породувањето е извршено со спинална анестезија, без проблеми, мајката добро ја прифати анестезијата, таа беше свесна, контактибилна при зафатот кој не го чувствуваше и децата постоперативно се добри“ – рече д-р Леова.
За здравствената состојба на бебињата соошпти д-р Лидија Панчевска, педијатар од Детското одделение.
„Годината ни почна богато, затоа што првите родени се близнаци, добиени од близначка бременост. Женски, доносени со добра родилна тежина и добар одговор после раѓањето“ – кажа д-р Панчевска.
Изминатата 2024 година, на акушерското одделение од Велешка болница, биле родени 280 бебиња. Лани, 2023 година на акушерското одделение во велешка болница се родиле 300 бебиња а во 2022 година имало 383 новороденчиња.