Петар Печков
Објавено: среда, 24 јуни 2026
На полигонот Криволак денес се уништени две хемиски гранати, од Прва Светска војна, пронајдени во близина на Битола. Двете биле од 75 mm, неексплодирани. Првата била пронајдена на нива селото Крклино-битолско, втора исто така во нива кај селото Кременица на македонско-грчката граница.
Една од гранатите сопственикот на нивата додека орал ја закачил по запалката, но имал среќа што не се активирала. Овој дел од Македонија бил дел од фронтот во прва Светска војна, изложен на интензивни воени дејствија.
„Овие гранати не предизвикуваат силна детонација, ниту распрснување и разорување, туку ослободување и ширење на отровен реагенс. Гранатата има експлозивно полнење за да го распрсне отровот. Предизвикува пликови и изгореници по кожа, печење на очи, оштетување на бели дробови. Содржи водород сулфид, безбоен гас но многу отровен, запалив, гас со карактеристичен мирис на расипани јајца. Опасен е подолго време, присутен на местото 72 часа по екслозијата. Затоа не смее да се приоѓа каде се изврши уништувањето на хемиските гранати следните три дена“ – кажа Ѓорѓи Стефанов, пиротехничар при ДЗС од Битола.
Последните половина година биле пронајдени вкупно четири вакви хемиски гранати. Двете претходно биле откриени на брегот од Преспанско езеро, кои веќе биле уништени на Криволак.
„Овие две хемиски гранати со боев отров се исклучително опасни, испукани се од цевка на артилериско орудие и нивните запалки се во армирана положба. При активирање боевиот отров може да биде смртоносен во радиус од неколку стотини метри. Во случај на ветровито време тогаш тој може да го разнесе. Се работи за отрови кој подоцна со меѓународни конвенции биле забранети“ – кажа Стојанче Ангелов директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Од ДЗС апелираат до граѓаните да внимаваат при градежни и земјоделски работи. Ваквите хемиски гранати биле со големина на пивско шише, со тенок врв. Биле уништени од пиротехничарите на ДЗС и АРМ.
