Петар Печков
Објавено: среда, 25 декември 2024
Технолошко-техничкиот факултет со седиште во Велес доби нов декан. Тоа е проф. д-р. Везирка Јанкуловска, вонреден професор на факултетот, која предава по предмети од подрачјето на биотехнички науки.
Главни полиња на нејзината научно-истражувачката дејност вклучуваат нова и функционална храна, прехранбена технологија со посебен осврт на масти и масла, биоактивни компоненти во храна, зачини и ароматични растенија, контаминенти во храна и нивна анализа, проценка на ризик. Од овие области има објавени трудови во меѓународни списанија, рецензирани практикуми и збирка задачи.
Професорката Јанкуловска со звањето доктор на биотехнички науки се стекнала на Земјоделскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Со титулата магистер по технички науки на Технолошко-металуршки факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Дипломиран инженер технолог – насока нутриционизам звањето го добила на Технолошко-технички факултет Велес при Универзитет „Св. Климент Охридски“- Битола а пак Дипломиран професор по хемија на Природно математички факултет Институт по хемија при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Досегашната деканка проф д-р Татјана Калевска, беше на оваа позиција два мандати по три години, толку колку што овозможува постојниот правилник.
Најплоден научник и најдобар научник на УКЛО во академската 2023/24, е професорката Анка Трајковска Петковска од Технолошко- техничкиот факултет – Велес, за што ТрМр веќе пишуваше. По повод пригодата, на денот на Универзитетот Св. Климетн Охридски на 8 декември, кога и беше врачена наградата, таа меѓу другото истакна
„Јас нема да застанам со наградава како триумф за „добро завршено” дело. Верувам дека и моите колеги добитници на вредните награди и признанија, а ќе зборувам и во свое име, ќе ја оправдам и ќе продолжам да работам со исто темпо, како што ги разбирам и животот и успехот – како патување, а не дестинација.“
Во рамки на одбележувањето на 8 Декември, Патронатот на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола, традиционално беа промовирани нови доктори на науки. На свечениот чин во Ректоратот на Универзитетот промовирани се 10 доктори на науки и тоа: 2 доктора по образовни науки, 2 доктора на науки од областа на безбедноста, двајца од областа на туризмот, еден доктор на технолошкo-технички науки од областа на храна и иновативни технологии, еден по компјутерски науки и инженерство, еден на настава по јазик и еден доктор на биотехнички науки.
Меѓу нив беше м-р Диола Дости од Технолошко-технички факултет Велес беше промовирана во Доктор на техничко-технолошки науки од областа на Иновативни технологии за храна и нутриционизам. Предмет на дисертацијата со наслов „Интолеранција на храна на спектарот нарушувања кај аутизмот (СНА) и влијанието на диетата без глутен и казеин, врз симптоматологијата на СНА“ е да се детектира инциденцата на интолеранција на специфична храна кај лица со аутистичен спектар на нарушување и да се утврди ефектот на диетата без глутен и без казеин, комбинираната со додатоци во исхраната и дигестивни ензими, врз гастроинтестиналните симптоми и бихејвиоралните нарушувања кај овие лица. Докторската дисертација е работена под менторство на проф. д-р Зора Узуноска.