Само едно од стотината службени возила во Општина Велес има црвени регистарски таблички

Петар Печков

Сите службени возила во државата ззадолжени се да имаат црвени регистарски таблички, мерка со која институциите најавуваат дека ќе се намали злоупотребата на автомобилите за приватни цели.

Таа треба да стапи на сила на 15 септември, но нема казни за тие што нема да ја почитуваат. За нив обврската ќе почне тогаш кога нивните возила ќе одат на задолжителна регистрација.  ТрМр праша до СВР Велес, колку службени возила, и од која институција на територијата на Општина Велес, добиле црвена регистарска табличка. 

„Ве информираме дека заклучно со денес (12.09.2025) издадени се еден пар црвени службени регистарски таблици за службено возило на Основен Суд Велес“ – соопшти Биљана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.
Целта е оваа изборна кампања за локалните избори, да мине без користење на службени возила за партиски намени. 

Според проценките на познавачите во Општина Велес, има стотина државни службени возила. Во текот на вчерашниот ден низ улиците на градот можеше да се забележи службено возило на ЈЗУ Општа болница Кавадарци, кое имаше црвени регистарски таблички. 

Рокот за замената на табличките е 15 септември, но доколку некоја институција не ја исполни обврската, при следната регистрација возилото ќе добие црвени ознаки. Според податоците на Владата, Македонија располага со околу 7.500 службени возила, а до крајот на годината треба да бидат издвоени полициските возила во посебен регистар.

Со ваков број, Македонија е на врвот во регионот според бројот на службени автомобили. Србија има околу 6.000, Црна Гора 4.700, а Хрватска 4.000. За споредба, Шведска има десетина вакви возила, а Германија под 1.000.

Иако целта е поголема транспарентност и намалување на злоупотребите, во законот не се предвидени казни за функционерите што би ги користеле автомобилите за приватни потреби.

Антикорупциската комисија веќе предупреди дека речиси и да нема избори во кои не се користат службени автомобили во кампања. Од таму бараат воведување на јасни правила, евиденција за секое користење и санкции за прекршувачите.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ги поднесувате пеколните температури, кои стасаа до 41 степен?

  • не излегувам од дома
  • се освежувам во базените од хотелите/ градски базен
  • додека е рано претпладне се завршуваат обврските
  • и на ова време мора да се живее
Резултати