Свето Благовештение 7 април

Петар Печков

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец,  и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи.

Светото предание раскажува дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел“, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот.

Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренел на Света Дева Марија црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест што се празнува точно девет месеци пред Божик. Но нема попрецизни податоци од кога се празнува овој празник. Се знае сигурно дека се празнувал во 7 век, но некои сведоштва укажуваат дека тој се празнувал и неколку векови порано.

Така на пр. постои податок дека во Назарет постоела  црква во спомен на Благовест што ја подигнала царицата Елена на местото каде што се случил настанот свето Благовештение. Има и друго сведоштво дека во Назарет точно на местото на кое Архангел Гаврил и ја пренел на Богородица радосната вест била подигната црква во спомен на тој настан.

Поради тоа што Благовец е благ ден тогаш, се верува дека и раната не боли па на малите деца им ги дупат ушите за убетки.

Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. За кукавицата се вели дека и таа радувајќи се на овој благословен ден отворала уста и кукала но никогаш не кукала пред Благовец како што пупал пупунецот.

Се верува дека ако наутро гладен, како што се вели на гладно срце, слушнеш некоја од овие птици, ќе те разбие и не ќе имаш напредок во текот на годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати