Фотографии од изгорената таваница на куќата на Габерови

Петар Печков

Пред три години изгоре во пожар  прекрасната куќа на Габерови, изградена во месноста Дворови, своевремено турска куќа на бег. Со неа  изгореа и прекрасните розети, таваници, долапи, миндерлак и под од рачна, изработка од пред век и повеќе. Непроценлива штета, која не може ништо да ја врати. Таа се смета дека е изградена при крајот на 18-тиот век од страна на турски бег, поради што е поделена на машка и женска.  Подоцна нејзин сопственик станува Стеван Габер професор на правниот факултет во Скопје по што го добива името куќата на Габерови, кој по иселувањето од Велес, ја  продава.

Тоа е накратко историјата на куќата. А еве по толку време, на увид на јавноста ги приложувам фотографии кои останаа  како документ за убавината на дел од куќата, од таваницата.

Ги фотографирав пред пет години, тогаш таму живееше под кирија семејство кои мошне љубезно ме пречека, дозволи да фотографирам за сега тоа да биде  единствениот спомен на ова културно наследство.  Еве што своевремено за таваницата запиша архитектот Станка Амбаркова во книгата за Велешката стара архитектура.

Таваницата е една убава декорација, која може да се спореди со мотивите кои го инспирирале Кондовски, кој вешто ги компонира во неговото творештво. Наоколу смирувачка белина, на неколку дрвени квадранти рамки  со една вдлабнатина  од 30 цм, неколку ширини од ленти исполнети со стилизирани листови. Десетокрака ѕвезда која како капка вода се шири со трапезни и триаголни облици по таваницата. 

На секој дел насликани листови и гранчиња од трендафил. На ќошевите стилизирани гранки исполнети со ружи. Мотивот на муслиманска декорација ја разбива појавата на четири лика на човек во заоблените и вдлабнати страни. Над главата има корпа полна со плодови, додека неговата замислена брада е со листови од лоза и завршува со грозд.

Домаќините имаат сознание дека таваницата е сликана во времето кога е правен фрескоживописот во црквата Св. Пантелејмон. Дали стопанот, турскиот бег не можел да одолее на вештината на уметникот па дозволил неговата гостинска соба да биде  украсена со ваков мотив, лик на човек со вечните гранчиња на трендафилот, е прашање кој нема договор – пишува архитектот Амбаркова.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

На што се греете зимава?

  • дрва
  • струја(печка, инвертер)
  • пелети, брикети
Резултати