Ако државата не помогне на сточарите, овцата ќе ја има само во Зоолошка

Петар Печков

Сточарите од земјава, денес на пладне протестираа пред подрачната единица на Министерството за земјоделие во Велес.  Но не беа само од велешко, ги имаше и од Кочанско, Овче Поле, Прилепско, Преспанско. Сите тие се незадоволни од откупот на јагнето, од откупната цена и од неисплатените субвенции за дел од сточарите.

Во текот на вчерашниот ден претставниците на сточарите имале средба во Министерството за земјоделие (МЗШВ) со  две барања, поради ниската откупна цена  државата да интервенира со дополнителна мерка, со која ќе се доплати разликата помеѓу производната  и пазарната  цена  на јагнето и второ барање за сточарите кои не добиле  субвенции да се забрза постапката. Одговорот го добија раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделие во Велес, Зоран Наков. 

По завршувањето на откупот на јагнето, ќе се анализираат податоците и по завршувањето на вториот круг од Претседателските избори, Министерството ќе излезе со соодветно решение, со цел сточарите да не трпат загуби.  Во однос на неисплатените субвенции Министерството за тоа ќе ја извести  Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот  развој. Сите јагниња во претстојниот период  ќе бидат откупени  - им  соопшти Наков.  Од  МЗШВ побарале секое Здружение на сточари да испрати пополнет прашалник со податоци  за трошоци кои ја формираат производната цена, со цел да се дојде до реална производна цена за да се нашло решение во интерес на одгледувачите на овци. На терен продолжува и  пописот на бројот на овци во земјава.   

Од денес треба ефективно да започне откупот на јагнињата, цената ја одредуваат кланичарите и се движи од 120 до 135 денари за килограм жива мера.   Договорено е по претседателските избори министерството  да излезе со решение. Имаме разбирање и ќе почекаме, кога толку време чекавме. Ако по претседателските избори не го добиеме ветеното, протестите ќе се радикализираат. Ако не се исплати таа разлика, овците ќе ги има само во зоолошка градина -  рече Митко Јанков сточар, претседател на здружението ,,Агро центар,,.

Овие  информации не ги задоволија сточарите и тие со резерва ги примија ветувањата.

Ваква ситуација имаше и во 2017-та, тогашната власт ни вети дека ќе ни ја плати разликата, не добивме ништо. Тогаш се откупуваше јагнето за 140 денари а производната 170 и тие 30 денари разлика никогаш не го добивме  - рече Ангел Стојчев  претседател на Овчеполски фармер. 

 Многу пати ни е ветено, многу пати сме изманипулирани.  Не можам  да верувам, дека ќе биде. Не лажеле многу министри. Мислат дека има многу пари, а не знаат колку трошоци има во сточарството. Еве волната со години не се откупува и завршува во ѓубре. Ни земаат 50-60 денари за стрижење а истата ја фрламе - рече Бајрам Муслиу од Горно Јаболчиште.

Во прилепско имаме уште неисплатено од кланичарите за откупените јагниња од пред две години. Ни ги земат јагнињата а пари нема, иако ветуваат за два три дена ќе не исплатат. Има некој откупувач од Мариово но не лаже со години - рече  Мијајлевски Зоран од Прилеп    

Дојдовме во Велес  да знаат дека сите сточари во Македонија имаме ист проблем. Цената е ниска,  Јас добив субвенции но  треба  да ги добијат и другите сега, треба да ги прехранат овците. Не верувам дека  по избори ќе го решат проблемот, се купува време- рече  Шабан Лимани од село Крани -преспанско. 

Од МЗВШ соопштија дека до минатата седмица во земјава се откупени 15 илјади јагниња. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати