Бегство од современиот живот на Димче Ацков, живот во куќа од плитар (фoтo)

Петар Печков

Велешанецот Димче Ацков две години живее далеку од градската врева, од градот, сам во близина на поранешна Порцеланка и реката Тополка.  Своеволно решил да замине, да ги напушти градот и  благодатите на современиот свет, удобностите на новото време и да започне нов живот.   На прашањето да го прецизира неговиот живот, дали е како тој на Робинзон Крусо, одрично одбива.

„Тој живеел сам затоа што морал, јас затоа што сакав. Јас бев градско урбано дете, не знаев мотика да држам, како се одгледува зарзават, но го сменив стилот на животот. Сам градам куќа, сам одгледувам храна. Сакав преку личен пример да покажам дека може да се живее здраво и еколошки чисто “ - вели Димче, кој има 40 години.

На површина од повеќе стотина метри квадратни, тој си изградил сопствено живеалиште, од природни материјали, земја и глина.  Објаснува  дека го живее вообичаениот живот, кој се живеел до пред некоја деценија. Ова што го работи го научил во комуни во држави каде претходно престојувал, Турција, Бугарија, Грција, Србија.   Заработува од продажба на печурки и чаеви, кој сам ги бере од природата.Има летна и зимска бавча, каде произведува храна за сопствената кујна и прехрана.

„Живеам како што живееле нашите дедовци, кој за жал следната генерација, поради индустријализацијата го прескокнаа. Заминав поради загадувањето кое го создава поединецот, нечистиот воздух кој го има во градот, нездравата храна, неживата вода за пиење. Со самото градење на еден современ дом, се загадува околината. Јас куќата ја направив бесплатно,  од плитар, земја  слама и вода  и таа кога еден ден ќе падне, ќе нема никаква штета по околината, земја на земја. Струјата најчесто се произведува од јаглен а тоа е лошо по околината“ - објаснува Димче.  

Нему во новиот дом друштво му првата еден овен и две кучиња, претходно бездомни. Објаснува дека е веган и голем борец за правата на животните.  Овенот Спирит го спасил од колење лани за Велигден и тој прв ги пречекува гостите во домот на Ацков. Радосно скока и бара храна. Тука се и кучињата Хироу и Миси. Интересна е животната приказна за Хироу, како било спасено.

Кога Димче доаѓал во неговиот дом, некој од автомобил во движење  фрлил кутија низ прозор. Кога ја отворил во неа биле две мали кученца, претпоставува брат и сестра. Едното поради тоа што паднало на глава починало а второто, Хироу, преживеало. Тоа тешко се разделило од братот, постојано трчало околу неговото мртво тело  и таа сцена останала во сеќавање на Ацков.  Тој за да си обезбеди струја има сончеви панели, со вода за пиење од сопствен бунар. ВЦ-то му е компостно, се прекрива со струготини од дрво.  

„Преку интернет пробувам да бидам во тек со настаните во државата во светот.  Но многу сум зафанат, постојано нешто работам.  Работам во бавчата, собирам суви дрва, не ги сечам. Пред да се случи пандемијата идеа луѓе гости од странство,учеа  како да живеат, да прават вака како мене. Им беше интересно. Тренд во светот  е ова природна градба, тие што бара еколошки начин на живот доаѓаа. За долг живот е потребна здрава храна, чист воздух и чиста вода“ - додава Ацков.

Во скромниот дом изграден од земја, влегуваа сончевите зраци преку застаклениот покрив. И беше невообичаено топло иако немаше користено греење. Но  сонцето го направи своето, тој сончев ден, како во пролет.  Во просторијата стокмено, се под конец и чисто со мирис на чаевите кои сам ги берел а се сушеа на гредите. И еден таблет неговиот прозорец кон светот. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес

АКРЕДИТИВ ДООЕЛ
Друштво за сметководствени
услуги и финансиски консалтинг.
Тел: 071 390 738; 078 375 014
akreditiv14@gmail.com


АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

  • да
  • не
Резултати