Петар Печков
Објавено: четврток, 22 октомври 2026
За 27 дена, велешаните Коста Тахов и Баже Миров извозеа 2.700 км на велосипед, на тура околу Јадранот, како што самите ја нарекоа. Минаа низ десетина поголеми градови во седум држави. Возеа „гравел“ велосипеди. Ново животно искуство, нова авантура, ново доживување. Тргнале од Велес на 17 септември во 6 часот, а кругот го затвориле повторно во Велес на 14 октомври во 16 часот.
„Секогаш е предизвик да се одлучи каде може да се вози, каде да се отпатува, која тура да се извози и кое интересно место да се посети. Поинтересни се кружните тури бидејќи не се вози по истиот пат, по истата делница. Луѓето со кои досега сум возел имаа некои свои обврски, па случајно со Баже паднавме на муабет. Тој е понов бајкер и така, пред повеќе од една година, се роди идејата за возењето околу Јадран.
Психофизичките подготовки се поважни отколку само физичките. Мислевме турата да ја направиме напролет, но на крајот се случи наесен“, вели Тахов.
Започнале од Велес, преку Струга и Ќафасан, низ Албанија, преку Елбасан и Драч, од каде што со траект отпатувале до Бари во Италија.
„Од Албанија до Италија преминавме со траект. Преку Јадран немаше педалинки со кои би можеле да го поминеме тој дел, па моравме со брод“, објаснува Коста.
Во Италија минале низ поголеми градови како Фоџа, Анкона, Венеција и Трст.
„Во Италија наидовме на патишта во изградба, лоши и со дупки. Возиш, наидуваш на крај на патот, нема мост, па мораш да се вратиш назад и да бараш нов пат“, објаснува Коста.
Во Италија престојувале кај други велосипедисти, со кои стапиле во контакт преку интернет и кај кои биле на гости. Посебно искуство имало во Венеција, каде што престојувале и го разгледале стариот дел на градот. Во старото градско јадро не дозволено за велосипед, па Венеција ја прошетале пеш.
Од Италија продолжиле кон Словенија, каде што минале низ Копер и Изола, а возеле и по дел од познатата велосипедска патека Парензана. Потоа влегле во Хрватска, каде што трасата ги водела низ Умаг, Пореч и Пула. Таму го одбележале и роденденот на Баже, кој за време на патувањето наполнил 21 година.
„За време на овие 27 дена никаде не минавме по ист пат. Тргнав со 20 години, а се вратив на 21. По пат ми беше роденденот, на 3 октомври. Случајно го прославивме на 4 октомври во Пула. Бевме на гости кај велешанецот Андреј, кој ни обезбеди престој и ме изненадија кога неговиот син ми донесе торта со свеќички. Возењето беше уживање, немаше проблем. Сакавме да ги видиме сите овие убавини што ни беа планирани и навистина ги видовме. Не бркавме бројки“, раскажува Баже.
Од Пула продолжиле со катамаран до Задар, избегнувајќи ја тешката крајбрежна делница покрај планината Велебит.
„Од Пула до Задар пловевме со катамаран. Патот од Риека до Задар минува покрај планината Велебит, а тој дел е тежок за возење. Условите се сурови и не се знае кога може да дувне бура, па овој дел е ризичен. Единствено убаво е што од височините можеш да го видиш морето и островите, но тоа е сè. Од едната страна е планината, а од другата морето, па нема каде да се постави шатор. Затоа решивме да пловиме“, објаснува Коста.
Низ јужниот дел на Јадранот, од Задар продолжиле низ Шибеник и Сплит, а потоа преку Неум, во Босна и Херцеговина, стигнале до Дубровник. Продолжиле во Црна Гора, минувајќи низ Херцег Нови, Котор, Будва и Бар, од каде што повторно влегле во Албанија. За време на патувањето ја забележале и разликата во сообраќајната култура и дисциплината на возачите во земјите низ кои минувале.
„Во Италија возачите покажуваа огромно внимание при разминувањето. Секој чека да помине возилото од спротивната страна, па дури потоа да не претекне. Исто беше и во Словенија. Во Хрватска – ужас! Возиме, а покрај нас се разминуваат два камиона. Прашината од нив ја бришеа со нашето рамо. Колку повеќе одевме на југ, толку полошо стануваше“ - рече Миров.
Од Црна Гора продолжиле низ Албанија, преку Скадар, кон Дебар, а потоа се вратиле во Велес, Македонија.
„Албанските возачи нè изненадија. Возат брзо, но се внимателни кон нас, велосипедистите, и нè почитуваат. А во Македонија е како во Хрватска – воопшто не нè забележуваат кога возиме“, раскажува Баже.
Времето во најголем дел им одело во прилог, но последниот дел од патувањето низ Македонија бил особено тежок.
„Времето нè послужи, освен на крајот од турата, во Македонија. Кога влеговме преку Маврово, температурата падна на нула степени. Удолницата долга 17 км до Гостивар ја возевме во многу лоши услови, а потоа нè фати дожд, кој нè следеше до Скопје. Шеесет километри возевме додека врнеше дожд, проследен со студен ветер. Бидејќи споредниот пат од Гостивар до Тетово е ископан, возевме по автопатот. Кога се појавивме со велосипедите на наплатната рампа, вработените нè гледаа зачудено, како првпат да гледаат такво нешто“, рече Тахов.
За Баже и Коста, секоја велосипедска тура носи нови искуства, дури и кога се посетува веќе познато место.
„Секое возење е ново доживување, дури и кога се оди до истата дестинација. Се случуваат нови работи и нови ситуации“, додава Коста. Тој вели дека може и два-три пати да посети исто место, но секое патување носи ново доживување.
Баже, пак, веќе размислува за следната дестинација – Истанбул. Досега има извозено две големи тури со Коста, едната до Неа Каликратија во Грција 554км, а втората низ Источна Македонија 453км.
Деновиве ги средуваат впечатоците од безмалку едномесечната тура околу Јадранското Море, полни со спомени што треба да се споделат, но и со планови за нови авантури и доживувања.
фото приватна колекција
