Петар Печков
Објавено: четврток, 22 октомври 2026
Во Центарот за јавно здравје Велес започна вакцинацијата против сезонски грип. Годинава тие добиле 1.100 за Велес, додека за целиот регион кој го покрива ЦЈЗ Велес има 3.200 вакцини. Тие се распределни за Свети Николе, Кавадарци, Неготино, Гевгелија.
Бесплатна вакцина од сезонски грип можат да примат возрасни над 65 години, болни со хронички болести, деца до 5 години возраст, здравствени работници, бремени жени.
Првите 30 000 дози на вакцини кои веќе се аплирааат во Македонија се од GCFLU Multi inj., производ на компанијата GC Biopharma Corporation, Јужна Кореја.
Тоа тривалентната вакцина GC Biopharma – Influenza Vaccines за 2026 година, која е одобрена од Светската здравствена организација и ги исполнува строгите критериуми за квалитет, односно задолжително е обезбеден сертификат за квалитет, издаден од производителот и сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот од ОМЦЛ-мрежата (Official Medicines Control Laboratories).
Првата пратка вакцини, според Министерството за здравство, се обезбедени преку заем во рамките на веќе утврдена меѓународна соработка од соседните држави, во конкретниот случај со УНИЦЕФ/Албанија.
Од 14 октомври досега за вакцинација се пријавиле 55.535 граѓани, од кои повеќе од 60 отсто се постари од 65 години.
Според најавите на здравствените власти, до 15 ноември се очекува да пристигне и втората пратка од 26.000 вакцини. Се очекуваат и дополнителни количества, со што вкупниот број вакцини и оваа година, исто како и минатата, ќе достигне 80.000 дози.
