Петар Печков
Објавено: среда, 17 декември 2025
Дел од настраданите млади во пожарот од дискотеката „Пулс“ од Кочани се лекуваат во болницата за белодробни заболувања „Јасеново“. Таму нега и совети добиваат дваесетина пациенти, кои се здобиле со оштетувања на респираторните органи при вдишувањето на врелиот воздух и чадот во објектот, ноќта на 16 март.
„Од досегашните испитувања кај повеќето млади, резултатите се во границата на нормалата, поголемиот број се без трајни и дефинитивни промени во белите дробови. Нема уништување на здравото ткиво и создавање на сврзно ткиво, кое доведува до хронична респираторна инсуфициенција, оштетување кое се провлекува низ целиот живот. За среќа сиве овие деца кои доаѓаат на лекување кај нас се во стабилна добра состојба, без последици, без оштетување на срцето. Имало агенси присутни од огнот во објектот, кои до денес не се откриени а предизвикале оштетување на дишните патишта“ – вели д-р Гоце Бузалков интернист, пулмо-алерголог.
Бидејќи вакви доктори субспецијалисти има малку во земјава, одлучено е дел од 200-те пациенти кои настрадаа во пожарот, да се лекуваат во болницата во Јасеново.
При прегледите се прави проценка на нивниот капацитет за дишење, за моменталната состојба, се разговара за нивната иднина. Тие имаат трауми покрај физичките и психички. Покрај изгорениците имаат и проблеми со респираторните органи. Овие лица за кои докторот избегнува да каже дека се пациенти, туку оштетени од вдишаниот воздух, имаат предност пред сите други во болницата Јасеново, доаѓаат со родителите. Добиваат и информација какво оштетувања можело да настане во бронхите, во дишните патишта.
„Пациенти се исклучително млади на возраст од 17 до 22 години. Некои имаат потешкотии, повремена кашлица, други со чувство на гушење, замор, малаксаност при одреден степен на напор. Правиме проценка на белодробните капацитети. Се први анализа дали имаат уште воспалителен процес. Се снимаат на рендген, дали има оштетени бронхи кои се деформирани од вдишувањето на тие токсични гасови. Правиме и спирометрија, оксиметрија –ниво на кислород во белите дробови, дали имаат доволно капацитет да го снабдат организмот со кислород –сатурација, која кај нив треба да биде од 96 до 99 отсто“ – додава д-р Бузалков.
Повеќето од овие млади лица имаа изгоретини по рацете, лицето, вратот, тоа се промени кои може да траат и по една година и повеќе, но тие ќе зацелат и нема да остават последици. Респираторните потешкотии кои ги имале, минале без тешки реперкусии.
„После интензивното лекување на овие млади лица, по прегледите и разговорите со нив, кога стравот ќе мине, неизвесноста какви резултати ќе добијат, прегледите овозможија сомнежите да ги снема, да се врати вербата во животот“ – рече д-р Бузалков.
