Железница штрајкуваше, ама ги исече дрвјата покрај Битолска пруга

Петар Печков

Изминатата седмица  нова сеча на се` поскромната дрвана маса во градот.  Овој пат, исто како и лани и неколку години назад се исекоа дрвјата покрај Битолска пруга.

Исечени се стотина кралчичиња во должина од мовчето кај Маслодајна до надвозникот на УЗЏУС.    И повторно тоа е сторено од страна на Македонски железници.

Старите и деградирани дрвја често паѓаат врз возовите, кршат стакла, повредуваат патници поради што сме обврзани да ги сечеме. За ова имаме дозвола и од Македонски шуми и од Шумската полиција. Згора на тоа  земјата до 50 метри близу пругата е сопственост на железница, така што  сите правни услови се почитувани за оваа сеча – велат од МЖ.

Исечени се стотина кралчичиња. Според стручните лица, овие дрвја помагаат да не дојде до свлекување на земјиштето, таму каде е стрмнина. Баш како што е  случај  со овој дел од Битолска пруга.   

Никако да ги разберам, заради заштита на возовите ги сечат дрвјата. А возови се помалку ги има но затоа железничарите се така дисциплинирани превентивно ги сечат дрвјата. Живеам тука 40 години. До пред 5-6 вакво нешто немаше. Тогаш не пречеа ли дрвјата, па сега наеднаш станаа  проблем – вели станар во околните згради, сведок на сечата.   

ТрМр ја праша локалната власт дали од нив е побарано и добиено одобрување за оваа сеча, која стана пракса воведена последните години.

Делот од градот кој е предмет на вашето прашање и се однесува на сечењето дрва на потегот од мовчето кај Маслодајна до надвозникот кај комплекс УЗУС, Општина Велес ве информира дека тоа е заштитен појас во надлежност на Македонски железници. Зеленилото се сече од безбедносни причини. Меѓутоа веќе на првата наредна седница на Советот на Општина Велес како точка на дневен ред ќе биде поставена предлог одлука за постапување со зеленилото. Доколку истата се изгласа со неа ќе се регулираат сите обврски на сопствениците, односно корисници, согласно Законот за зеленило – стои во писмената информација од Општина Велес. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати